Линкови за пристапност

Обама: Светот мора да застане зад оние кои бараат слобода


Обама говори во Варшава по повод првите делумно слободни извори во Полска во 1989-та
Обама говори во Варшава по повод првите делумно слободни извори во Полска во 1989-та

Продолжува со европската турнеја. По Полска, наредната станица - Белгија.

Американскиот претседател Барак Обама порача дека „светот мора да застане зад оние кои бараат слобода“, правејќи паралела меѓу реформите во Украина денес и изборите во Полска пред 25 години, што го одбележаа почетокот на крајот на комунизмот.

Обама со новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко
Обама со новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко
Говорејќи на Денот на слободата во Варшава, што ги одбележува првите делумно слободни извори во Полска во 1989-та, Обама кажа дека тие претставувале „голема победа за слободата“.

Првиот човек на САД истакна дека слободниот свет е обединет против, како што ги нарече, црните тактики на Русија во Украина, каде руските сили во март презедоа контрола врз Крим.

„Не смее да им се дозволи на поголемите нации да се однесуваат силеџиски кон помалите, или да им ја наметнуваат својата волја со силата на оружјето, или, пак, маскирани лица да заземаат згради. Потпис со пенкало никогаш не може да легитимизира кражба на територија од соседот, така што нема да ја прифатиме руската окупација на Крим и кршењето на украинскиот суверенитет. Нашите слободни нации ќе стојат обединето, така што натамошните руски провокации ќе значат само поголема изолација и штета за Русија“, рече Обама.

Пред церемонијата, Обама се сретна со украинскиот претседател Петро Порошенко во Варшава и најави помош од 5 милиони долари во вид на несмртоносна опрема за украинските армиски сили, за напорите за сузбивање на проруските сепаратисти во источна Украина. Парите се за набавка на панцири, ноќни очила и комуникациска опрема.

Наредната станица на европската турнеја на Обама по три држави е Белгија. Тој е меѓу учесниците на Самитот на Г-7 во Брисел. Самитот беше набрзина организиран, откако земјите-учеснички одлучија да го бојкотираат претходно закажаниот состанок на Групата чиј домаќин требаше да биде Русија.

Во петок во Франција, Обама ќе одржи говор на плажата Омаха во Нормандија, на церемонијата за одбележување на 70-тата годишнина од инвазијата на сојузничките сили на Европа, окупирана од нацистичките сили во Втората светска војна.
XS
SM
MD
LG