Линкови за пристапност

Обама кандидираше нови шефови на одбраната и разузнавањето


Го пополнува новиот Кабинет: претседателот Барак Обама со Чак Хегел (лево) и Џон Бренан (десно)
Го пополнува новиот Кабинет: претседателот Барак Обама со Чак Хегел (лево) и Џон Бренан (десно)

Поранешниот сенатор и републиканец Чак Хегел за прв човек на Пентагон, советникот за контратероризам Џон Бренан за директор на ЦИА.

Американскиот претседател Барак Обама го финализира делот од владиниот кабинет што ќе се грижи за националната безбедност, објавувајќи две контроверзни кандидатури. Тој го номинираше поранешниот републикански сенатор од Небраска Чак Хегел за нов секретар за одбрана, а советникот за контратероризам Џон Бренан за прв човек на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).

Претседателот рече дека Хегел е „лидер каков што нашите сили заслужуваат“. Тој кажа и дека поранешниот сенатор ја претставува „натпартиската традиција од која ни треба повеќе во Вашингтон“, како и дека заслужил почит за подготвеноста отворено да говори дури и кога темата не е популарна.

Обама го пофали Бренан, пак, за напорот против Ал-Каида што отстранил голем број на водачи на терористичката организација од бојното поле, велејќи дека покрај борбата против тероризмот, Бренан бил истовремено посветен на „вредностите што не` дефинираат како Американци“.

За да стапат на функциите, Хегел и Бренан треба да добијат потврда од Сенатот, каде некои законодавци веќе се противат на номинациите.

Републиканецот број два во Сенатот го критикуваше Хегел на Фејсбук за ставовите за Израел и Иран, коментирајќи дека номинацијата е „најлошата порака што би можеле да ја испратиме до нашиот пријател Израел и другите сојузници на Блискиот Исток“.

Републиканскиот сенатор Линдзи Греам за ТВ-мрежата ЦНН изјави дека неговиот поранешен колега на функцијата во Пентагон би бил „најантагонистичкиот секретар за одбрана кон Израел во историјата на нашата нација“.

Некои пратеници исто така покренаа прашања за номинацијата на Бренан во врска со политиката на владата на Обама за нападите со беспилотни летала и специјалните операции за убиства на осомничени терористи. Покрај тоа, некои организации за човекови права имаат замерки за улогата на Бренан во ЦИА за време на владата на претседателот Џорџ В. Буш, поради употребата на техники на испрашување што за некои претставуваат тортура.

Водачот на републиканското малцинство во Сенатот Мич Меконел најави дека Хегел ќе добие чесен распит. Тој за ТВ-мрежата АБЦ изјави дека сака да дознае дали гледиштата на Хегел „одговараат на работата за која е кандидиран“.

Контроверзите не се ништо ново за Хегел, кој во минатото разлути многумина кога нарече еден кандидат за амбасадор „отворено, агресивно хомосексуален“, по што се извини. Беше мета на критики и во врска со Авганистан, кога кажа дека САД пошле многу подалеку од својата мисија, како и за противењето на американските засилувања во Ирак 2007-мата.

Поддржувачите на Хегел, пак, укажуваат на неговата армиска служба во Виетнам, за време на која бил ранет. Доколку биде потврден, Хегел ќе биде првиот бивш регрутиран војник кој дошол на чело на Пентагон.
XS
SM
MD
LG