Линкови за пристапност

Предлогот за 2014-та, тежок 3,77 трилиони долари, наиде на негодување од обете партии

Американскиот претседател Барак Обама предложи владиниот буџет за 2014-та да изнесува 3,77 трилиони долари. За предложената верзија кажа дека е „фискално одговорен план што ќе обезбеди работни места за средната класа и економски растеж“.

Во изјавата од Белата куќа, претседателот порача дека буџетот, за кој Конгресот треба допрва да се изјасни, го прилагодува начинот на кој се пресметуваат бенефициите во пензиското осигурување, но дека истовремено ги менува даноците за корпорациите и најбогатите поединци.

„Ако сакаме сериозно да го скратиме дефицитот, тогаш овие реформи треба да одат рака под рака со реформите на даночниот законик, за да биде поедноставно и почесно, така што најбогатите поединци и најголемите корпорации не ќе можат да ги користат дупките во законот и да уживаат даночни олеснувања, за разлика од другите Американци. Тоа е клучната работа“, рече Обама.

Буџетскиот предлог наиде на негодување од обете партии. Самиот Обама призна дека делови од него не се оптимални, туку попрво компромис поради партиски несогласувања.

Буџетот предвидува намалување на дефицитот од речиси 2 трилиони долари во наредната деценија, преку комбинација на нови приходи и буџетски кратења. Тој вклучува минимален данок од 30% за поединците кои заработуваат 1 милион долари годишно.
XS
SM
MD
LG