Линкови за пристапност

Обама: Светот мора да се обедини во борбата против тероризмот


Американскиот претседател, кој се наоѓа во посета на Аргентина, кажа дека уништувањето на Исламската држава е негов главен приоритет

„Уништувањето на Исламската држава е мој главен приоритет“, изјави претседателот Барак Обама, еден ден откако екстремистичката организација ја презеде одговорноста за терористичкиот напад во Брисел во кој загина најмалку 31 лице.

Обама, кој се наоѓа во дводневна посета на Аргентина, вети дека САД ќе сторат се` што е потребно, за да му помогнат на сојузникот Белгија во напорите одговорните за делото да бидат изведени пред правдата.

„Ова е уште еден потсетник дека светот мора да се обедини во борбата против злото на тероризмот, без оглед на националната, расна или верска припадност“, подвлече претседателот.

Исламската држава кажа дека нападите во Брисел се во знак на одмазда за улогата на Белгија во коалиционата борба против организацијата.

Коалиционите сили изведуваат воздушни напади врз екстремистички цели во Сирија, Ирак, и во други земји од Блискиот Исток и Северна Африка, уште од 2014-та година.

Републиканските претседателски кандидати рекоа дека нападите во Брисел се најнови докази дека Белата куќа не вложува доволно напори за да ја елиминира Исламската држава.

Фаворитот за претседателската номинација од редовите на Републиканската партија, Доналд Трамп, беше експлицитен дека за ваквите напади да бидат спречени, треба да се употреби мачење. Неговиот ривал, сенаторот од Тексас, Тед Круз, повторно изјави дека „Исламската држава треба се бомбардира и срамни со земја“, како и тоа дека агенциите за спроведување на законот треба да патролираат и да ги обезбедуваат муслиманските соседства.

Овие коментари предизвикаа остра критика од бројни политички лидери, како и од Американци со муслиманско потекло, кој рекоа дека со тоа, тие нечесно се издвојуваат од нешто со кое немаат никаква врска.

Претседателот Обама ваквите коментари ги нарече „неамерикански“ и „контрапродуктивни“ и застана во одбрана на американските муслимани, нарекувајќи ги „неверојатно успешни, патриотски настроени и интегрирани граѓани“.

„Нивните деца се пријатели на нашите деца, одат во исти училишта. Тие се и наши колеги, тие се и наши мажи и жени во униформа, коишто се борат за нашата слобода“, истакна Обама. „Така што, каков и да е пристап со кој тие би се издвоиле од другите или би се целело на нив со намера да бидат дискриминирани, не само што е погрешно и неамерикански, туку би било и контрапродуктивно, бидејќи би ја намалило јачината и бројот на ‘антителата’ коишто ги имаме, за да му се спротивставиме на тероризмот“.

XS
SM
MD
LG