Линкови за пристапност

Нуланд инсистира веднаш да се најде решение за политичката криза

  • Соња Трајковска

Викторија Нуланд: итно решение за силно и обединето општество

Викторија Нуланд: итно решение за силно и обединето општество

Силно и демократско општество во Македонија е американската стратешка цел, според вишата претставничка на Стејт департментот во посета на Македонија

„Сега е време да се стави крај на политичката криза. САД се задоволни што работат заедно со ЕУ, амбасадорот Бејли работи со еврокомесарот Хан да се зближат страните околу пакетот за разбирање којшто ќе и` овозможи на Македонија да се врати на патот којшто го избрала, а тоа се евроатлантските интеграции, развојот, чесното владеење, владеењето на правото, слободата на медиумите, на сите прашања коишто се важни за државата“. Оваа порака од Вашингтон денеска во Скопје ја донесе американската помошничка-државна секретарка за Европа и Евроазија, Викторија Нуланд.

Американската помошничка-државна секретарка за Европа и Евроазија Викторија Нуланд на прес-конференцијата со премиерот на Репубика Македонија Никола Груевски

Американската помошничка-државна секретарка за Европа и Евроазија Викторија Нуланд на прес-конференцијата со премиерот на Репубика Македонија Никола Груевски

На прес-конференцијата по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски, Нуланд ја истакна американската поддршка за евроатлантските интеграции како „пријател и партнер на Македонија, веќе 20 години“.

„САД поддржуваат изградба на единствено, силно, демократско општество интегрирано во ЕУ и НАТО. Тоа се` уште е наша стратешка цел за Македонија, и тоа не` прави силни партнери. Ние сме обединети во таа цел“, рече таа, додавајќи дека „политичката криза им отежнува на политичките лидери да се фокусираат на таа цел и затоа треба да се надмине“, за што, како што рече, „има политичка волја“.

Според неа, основа за решение е договорот од 2-ри јуни, истакнувајќи дека во текот на средбите со, како што ги нарече „сите клучни страни“, разговарала за тоа како да се намали јазот за негово спроведување и со тоа земјата да продолжи со реформите во делот на медиумите, судството и со изборните реформи.

Сега е време да се стави крај на политичката криза.

„Тоа ќе ни овозможи да ги поддржиме аспирациите на Македонија за приклучување кон НАТО. Тоа, како што знаете, ќе бара комплексни преговори со новата Влада во Грција за прашањето за името под покровителство на медијаторот на ОН Метју Нимиц. Подготвени сме да продолжиме со нашите силни заложби за решавање на овој проблем, штом вие постигнете договор за придвижување на земјата напред, решавајќи ја политичката криза. Верувам дека врз основа на консултациите што ги имав денеска со сите лидери, вклучувајќи ги и Заев и премиерот, во Македонија постои политичка волја за решавање на овој проблем. Што поскоро го решите, толку побрзо ќе можеме да се вратиме кон она коешто е интерес на граѓаните, кон развој, инвестиции и изградба на единствена и обединета Македонија за сите граѓани. Тоа го посакуваат САД“, истакна вишата американска претставничка.

САД поддржуваат изградба на единствено, силно, демократско општество интегрирано во ЕУ и НАТО. Тоа се` уште е наша стратешка цел за Македонија.

Според премиерот Груевски, денешната средба со Нуланд била „срдечена, отворена и конструктивна“ за стратешките интереси на Македонија, за што е можно поскоро зачленување во НАТО, како и за потребата од итно започнување на разворите за членство во ЕУ.

„Во текот на наредниот самит на Алијансата во Варшава, идната година, исполнетоста на критериумите за членство и учеството на припадниците на АРМ во рамките на повеќе мировни мисии ни даваат потполно право да инсистираме на итно надминување на сите пречки за нашето зачленување. Грчко - македонските разговори за надминување на разликите околу името треба да продолжат. Потребен е конструктивен пристап кон ефикасно решавање на наметнатите разлики со добра волја и желба за успех во склад со демократските принципи и меѓународното право. Неодамна договорените билатерални мерки за јакнење на довербата се добар чекор“, изјави Груевски.

Срдечена, отворена и конструктивна.

При пристигнувањето во Владата, Нуланд прво беше пречекана со транспаренти на коишто на аглиски јазик беа испишани паролите „Нема правда, нема мир“, „Нема компромис со криминалот и корупцијата“, „Слобода и демократија“, а демонстрантите, коишто повеќе од два месеци се во опозицискиот камп пред Владата, извикуваа „Оставка“.

На средбата со македонскиот премиер и` претходеа серија разговори на американската дипломатка со партиските лидери.

(Потребни се, н.з.) итни решенија во интерес на нормализација на земјата, доколку се постигне договор за организација на влада којашто ќе ги спроведе изборите.

Како што соопштија од СДСМ, на средбата на Нуланд со водачот партијата Зоран Заев „се разговарало за можноста за надминување на политичката криза при што Заев констатирал дека договорот од 2-ри јуни предвидува решенија за критичните прашања“, но „дека се потребни итни решенија во интерес на нормализација на земјата, доколку се постигне договор за организација на влада којашто ќе ги спроведе изборите“.

ДУИ ќе ги поддржи реформите што произлегуваат од препораките на ЕУ и на Прибе, бидејќи нивното спроведување го прави демократскиот систем постабилен.

„Важно за граѓаните на Република Македонија е враќање на слободата и демократијата и обезбедување и заштита на човековите права. Во таа насока дејствува СДСМ и инсистира на механизми што тоа ќе го овозможат“, рекол Заев.

„ДУИ ќе ги поддржи реформите што произлегуваат од препораките на ЕУ и на Прибе, бидејќи нивното спроведување го прави демократскиот систем постабилен“, се наведува во соопштението на оваа партија во врска со средбата на Нуланд со нивниот водач Али Ахмети. Тој истакнал дека е неприфатливо политичката криза да продолжи, бидејќи целото општество е во очекување на решение и продолжување на евроатлантскиот пат“.

Во писмената информација уште се вели дека „во врска со спорот за името, Нуланд и Ахмети разговарале да продолжат со заедничките напори во правец за наоѓање решение веднаш по решавање на политичката криза во државата“, и дека „соговорниците разговарале и за борците од регионот во војните во Сирија и Ирак“.

XS
SM
MD
LG