Линкови за пристапност

Разузнавачи наводно шпионирале играјќи видео-игри


Њујорк тајмс и Гардијан пренесуваат детали од документи што ги доставил Едвард Сноуден.

Американски и британски шпиони играле видео-игри, но не за забава, туку како начин да откријат тајни комуникации, финансиски трансакции и терористички планови.

Според документите што до медиумите ги достави поранешниот работник под договор во Националната агенција за безбедност, Едвард Сноуден, а објавени во Њујорк тајмс и Гардијан, разузнавачките оперативци од САД и Британија собирале податоци од пораки меѓу лицата кои преку Интернет играле видео-игри, како „Ворлд оф воркрафт“ и „Секонд лајф“, на пример.

Разузнавачите, исто како што тоа вообичаено го прават и играчите, креирале лажни идентитети и комуницирале преку текстовни и гласовни пораки за да извлечат информации за евентуални тајни планови. Агенциите за спроведување на законот исто така користат лажни идентитети во борбата против трговијата со луѓе и детската порнографија.

Во таен документ од 2008-ма, Националната агенција за безбедност наведува дека навидум обичните видео-игри може да се користат како „комуникациска мрежа“ за пренесување на тајни пораки.

Њујорк тајмс и Гардијан наведуваат дека одредени видео-игри на Интернет биле набљудувани од толку многу агенти од различни американски разузнавачки агенции, така што дури била формирана координативна група.
XS
SM
MD
LG