Линкови за пристапност

Над 90 загинати во два напада во Норвешка


Спасувачка екипа носи повреден од кампот Утоја
Спасувачка екипа носи повреден од кампот Утоја

Најкрваво насилство во земјата по Втората светска војна.

Норвешката полиција го испрашува осомничениот напаѓач кој уби најмалку 84 лица во летен младински камп, а само неколку часа претходно активирал бомба во главниот град Осло, при што загинаа седум лица.

Ова е најкрваво насилство во Норвешка по Втората светска војна.

Напаѓачот, облечен во полициска униформа, петокот отворил оган во кампот за младинци Утоја на норвешката владејачка Лабуристичка партија, на остров што се наоѓа на 30-тина километри од Осло. Повеќето од загинатите се млади лица. Властите се` уште трагаат по загинати околу езерото во непосредна близина на кампот.

Полицијата тврди дека притворениот за овој напад го извршил и бомбашкиот напад пред седиштето на норвешката влада во Осло.

Над 90 загинати во два напада во Норвешка
Над 90 загинати во два напада во Норвешка

Министерот за правда Кнут Сторбергет го идентификуваше осомничениот напаѓач само како 32-годишен Норвежанец. Медиуите, пак, наведуваат дека се работи за лицето Андерс Беринг Брејвик.

Премиерот Јенс Столтенберг порача дека бруталниот напад врз недолжните млади лица нема да го разрушат норвешкото чувство за безбедност. Тој рече дека безбедноста била темел што Норвежаните досега ја земаа здраво за готово и најави дека во моментов главна задача е да се спасат животите на повредените.

Властите досега го немаат откриено мотивот на нападите.

Ескил Педерсен, водачот на младинското крило на Лабуристичката партија и преживеан во нападот во кампот, рече дека неговата организација нема да им дозволи на терористите да победат и дека ќе продолжи со работата во спомен на загинатите.

Премиерот не се наоѓал во владиното седиште во моментот на нападот во Осло.

Американскиот претседател Барак Обама ги осуди нападите и изрази сочувство до семејствата на загинатите. Државната секретарка Хилари Клинтон рече дека САД се подготвени да и` помогнат на Норвешка додека се обдува да ги изнесе одговорните пред правдата.

Порпаролот на генералниот секретар на ОН изјави дека Бан Ки-мун е шокиран од нападите и дека светската организација е со луѓето од Норвешка во овој ужасен момент.

XS
SM
MD
LG