Линкови за пристапност

Санкции за Ким Јонг Ун


САД за прв пат го ставија севернокорејскиот лидер на американската „црна листа“ поради кршење на човековите права

Ким Јонг Ун е меѓу неколкуте ентитети и поединци ставени на таканаречената црна листа на Вашингтон за нивната улога во прекршување на човековите права, потрагата по дисиденти и спроведување на цензура во Северна Кореја.

„Во нашиот извештај идентификуваме 23 поединци и ентитети. Еден од нив е Ким Јонг Ун. Ние оценивме дека тој е јасно и целосно одговорен за акциите на режимот, вклучувајќи ја и угнетувачката политика против сопствениот народ,“ соопшти висок американски претставник.

Вршителот на должноста, потсекретар на Одделот за финансии, Адам Цубин кажа: „Под власта на Ким Јонг Ун, Северна Кореја продолжува да спроведува неподнослива бруталност врз милиони луѓе, вклучувајќи противзаконски егзекуции, принудна работа и тортура.“

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја објави соопштение велејќи дека „санкциите се добредојдени и вредни за пофалба“ и се надеваат дека „ќе доведат до свет со поголемо разбирање за систематското и широко распространетото насилство“ под режимот на Ким Јонг Ун.

Имотот и интересите на оние кои се на листата на „Посебно именувани државјани на други нации и блокирани поединци“ што се наоѓаат под јурисдикација на САД, ќе бидат замрзнати. Исто така трансакциите помеѓу граѓани на САД и именуваните генерално се забранети.

Од Стејт департментот велат дека нарушувањата на човековите права во Северна Кореја се меѓу најлошите во светот. Многу од злоупотребите се случуваат во политичките затвори и кампови, каде според преоценките се притворени од 80.000 до 120.000 лица, вклучувајќи деца и членови на семејствата на оние кои се обвинети.

XS
SM
MD
LG