Линкови за пристапност

Северна Кореја тестирала проектили со кус дострел


Сеул вели дека доцна во четвртокот биле испукани четири проектили; Пјонгјанг не кометираше

Mинистерството за одбрана на Јужна Кореја вели дека Северна Кореја лансирала четири проектили со кус дострел во близина на нејзиниот источен брег.

Портпарол на министерството не даде други детали за лансирањето, што се случилодоцна во четвртокот. Владата на Пјонгјанг не коментираше.

Не е невообичаено за Северна Кореја да тестира проектили со кус дострел. Такви тестови се верува дека се делумно во служба на политички пораки упатени до Југот.

Последното лансирање доаѓа во време кога Сеул и Вашингтон изведуваат голема заедничка воена вежба, што Северот ја гледа како неприфатлива провокација.

И двете страни се на засилена готовност за време на вежбите. По јужнокорејската воена вежба во 2010, Северна Кореја гранатираше јужнокорејски остров, убивајќи притоа четири лица.

Лансирањето исто така доаѓа само неколку дена откако Северот и Југот ги продолжија семејните обединувања меѓу оние кои биле раздвоени со Корејската војна од 1950те. Тоа беше прв пат такви обединувања да се одржат по 2010-та, подгревајќи ги надежите за подобрување на врските на Корејскиот Полуостров.

Двете Кореи остануваат во техничка состојба на војна по конфликтот, што заврши со примирје, а не со формален мировен пакт.
XS
SM
MD
LG