Линкови за пристапност

Нимиц: Идентитетот не е предмет на разговорите

  • Борјан Јовановски

Разговорите во Македонија ги оцени како конструктивни; од Скопје замина за Атина

По разговорите со државниот врв на Република Македонија, посредникот на ОН во грчко-македонскиот спор за името денес порача дека тој ги засега меѓународите фактори како САД и Германија, со оглед на актуелниот развој на настаните на меѓународната политичка сцена.

Метју Нимиц на прес-конференцијата во Скопје по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски кажа дека „проблемите не треба да се оставаат да тлеат, туку да се решаваат навремено“.

Нимиц потенцираше дека идентитетот не е предмет на разговорите.

“Треба да бидеме јасни. Мандатот на ОН е јасен и тој е се однесува на името на државата. Треба да разгледаме што треба да се разреши. Народите имаат свои идентитети и ОН не преговараат за идентитети. Народот го создава својот идентитет преку своите дејствија, својата култура и оваа земја си има свој идентитет“, рече посредникот на ОН.

Тој денеска се сретна со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со шефот на дипломатијата Никола Попоски и со новиот македонски претставник во разговорите за името, Васко Наумовски.

Македонскиот претседател истакнал, како што соопшти неговиот Кабинет, дека до решение може да се дојде само со конструктивност од двете страни и придржување до рамката во која се водат разговорите - резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Во тој контекст, Иванов повикал на почитување на меѓународното право и доследност кон меѓународно преземените обврски.

Нимиц ги оцени разговорите во Скопје како конструктивни и рече дека очекува таков квалитет и на оние со грчкото државно раководство. Од Скопје, Нимиц попладнево отпатува за Атина.

XS
SM
MD
LG