Линкови за пристапност

Протести и барање за оставка на Никола Тодоров

  • Синиша Станковиќ

Со транспаренти „Нашите животи - не се твои партиски поени“, „Министер за смрт!“ и маски на лицата, граѓани со мирен протест бараа смена на министерот за здравство

„Излези Тодоров, соочи се со луѓето и дај си оставка, ’Министре Смрт! Овој човек има ѓон-образ, нема лице. Да имаше лице немаше да не остави 340 дена да седиме овде по смртта на Тамара. Во чаршиски муабети слушнав дека Тодоров си поднел оставка, но наводно Пастирот не ја прифатил“, извикувал, според медиумите, телевизискиот водител Огнен Јанески, вечерва пред Собранието, на протестот на граѓаните кои во организација на граѓанската иницијатива „Тодор - офф“ и граѓанската платформа „Ајде!“, ја поддржаа интерпелацијата на опозицијата за министерот за здравство Никола Тодоров. Иако името на министерот се поврзува и со скандал со тендер за увоз на медицински апарати вреден над милион евра, граѓаните бараа одговорност на Тодоров, пред се, за неколкуте неразјаснети смртни случаи на пациенти, меѓу кои има и деца, во текот на оваа година,

Протестот започна додека се уште не беше завршена жестоката расправа во Парламентот за интерпелација на министерот со контроверзна биографија, кој иако е правник се наоѓа на чело на тој ресор веќе четири години, а во која се судрија пратениците на власта и на опозицијата, а на него се приклучија и дел од опозициските пратеници.

„Министре Тодоров, доста е! Време е да си одите, а тоа да ви го кажам, ми го дозволија 9-годишната Тамара Димовска од Велес, родилката и новороденчето од Гевгелија, 14-годишното девојче, исто така од Гевгелија, родилката што почина на скопска Гинекологија, потоа „Мој термин“, жените од Шутка кои немаат гинеколог да ги прегледа, 60-годишниот маж отруен во Битола, 36.000 пациенти на инсулин, евтините а неефикасни лекови, скапите реклами, промашената електронска здравствена картичка, белите мантили со изгубено достоинство, ниски плати, доктори во кои се пука…“, изрече на собраниската говорница опозициската пратеничка Јагода Шахпаска, која потенцираше дека поради погрешните политики во здравството, избркале 700 лекари од Македонија во странство.

Според неа, министерот и неговата партија на власт, „на маката на граѓани собира гласови“, зашто, со потрошените пари за „барок“ (проектот „Скопје 2014“ – н.з.) сега нема пари за лекови. „Концесијата за дијализата ја дадовте на кумот на Никола Груевски, Ристо Новачевски. Смртноста на пациентите на дијализа е зголемена“, потенцираше Шахпаска.

Протестите за оставка на министерот Тодоров почнаа пред десет месеци, по смртта на девојчето Тамара Димовска, која не го дочека решението на Фондот за здравство и финансиската поддршка за заминување на операција во Турција. Тие продолжија и следниот месец, и по шест месеци, беа бројни и граѓаните маршираа по улиците на Скопје и Велес, но никој не поднесе одговорност. Јавноста реагираше и по инцидентите со смртен исход на неколку родилки, пред се, по гевгелискиот скандал кога поради наводно пијанство на дежурните анестезиолози починаа родилка и бебе, но немаше отчет.

Во интерпелацијата на опозицијата се вели и дека системските проблеми и создадениот хаос во здравството, резултирале со трагични последици врз граѓаните и врз пациентите. „Запрепастувачката е рамнодушноста и игнорантнскиот однос на Тодоров за последните трагични случувања во болниците низ Македонија покажува дека нема никаков морален капацитет. Факт e дека Тодоров воопшто и не требаше да биде поставен на позицијата министер за здравство. За време на неговото министерување, македонското здравство го достигна дното. Болниците низ државата одамна не го заслужуваат статусот на вистински заштитници на здравјето на граѓаните“, се вели во Интерпелацијата.

„Пратениците од опозицијата наведуваат дека болниците одамна не го заслужуваат статусот на вистински заштитници на здравјето на луѓето. Сакам да потенцирам дека во тек е инвестициски циклус во износ од 150 милиони евра“, истакна во Собранието, во своја одбрана, министерот Тодоров. Тој наброја нов центар во болницата Тетово, реконструкции на болниците во Охрид, Чаир, Јасеново, Негорци, Гостивар, Велес, како и реконструкција на објектот на Центарот за дијабетес и амбулантата во Кривогаштани, и санациите во скопската Поликлиника Букурешт и здравствениот дом во Прилеп. „Јас денеска нема да дозволам да паднам на овие евтини политички трикови коишто како ваша политичка матрица постојано ја спроведувате во Република Македонија. Јас ќе зборувам за проекти, за тоа што сме го направиле“, истакна Тодоров.

„Со проектот ’рурален доктор’ опфатени се 1.227 населени места во државата, лоцирани во 72 општини, во кои живеат околу 360.000 жители. Досега, од почнување на функционирање на овој проект се извршени над 150.000 прегледи. Со руралните аптеки во населени места се покриени до 3.500 жители. Со оваа мерка се опфатени над 130.000 жители. Со подвижни аптеки се опфатени помали места до 1.000 жители...,“, рече Тодоров, според кого, 2.084 здравствени работници се едуцирале во поголем број држави во Европа, САД и Австралија, а 200 специјалисти од приватното сње вратиле во јавното здравство и дека е во тек е инвестициски циклус вреден над 150 милиони евра.

Но, министерот не одговори директно на ниту едно од бројните обвинувања, како она на мајката на починатата 9-годишна Тамара, која ја цитирал пратеникот од НСДП, Горан Мисовски.

„Господине Тодоров, дали ме слушаш? Три години од врата на врата молев. Испадна дека јас сум ја негувала Тамара погрешно. Да не излезевте со својата изјава дека Министерството ќе ја испрати во странство и ќе ги покрие трошоците, ќе најдев добри луѓе кои ќе и помогнеа на Тамара преку донации и ќе беше жива“, ја цитирал Мисовски мајката на девојчето, обвинувајќи го министерот дека од пропагандни причини го лажел семејството на Тамара.

„Во говорот денеска не почувствувате потреба да се извините на родителите на Тамара. Ваквото однесување на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ не е реткост, граѓаните веќе отрпнаа. Не можам да разберам како не проработи човечноста кај вас. Имате починати родилки во Тетово, Гевгелија, во Скопје. Еден очен лекар ослепе пациент, а се правите дека ни сте го виделе ни сте го чуле, ни зборите овде за орманчиња и плакарчиња“ , изјавил Мисовски.

XS
SM
MD
LG