Линкови за пристапност

Во Охрид пристигнаа 180 холандски туристи


Некои од нив веќе летувале во градот, додека дел тука се за првпат

„Охрид е убав во секое годишно време, јас доаѓам втора година по ред, додека мојата девојка е прв пат тука. Гостопримството е заедничко за сите луѓе овде“, восхитено изјавија дел од холандските туристи, кои утринава пристигнаа на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, означувајќи го почетокот на оваа летна сезона.

Дел од туристите во изминатите години биле во Охрид, додека дел се тука за првпат.

„Јас втора година по ред доаѓам во Охрид, Македонија. Ми се допаѓа езерото. Но моите блиски за прв пат се тука“, велат тие пристигнувањето во Охрид и додаваат:

„За Охрид разбрав од мојот пријател и станав љубопитна да го видам градот. Градот сум го гледала на слики преку интернет, на фотографии кои ги направиле моите пријатели, кои биле тука и мислам дека е преубав. Навистина би сакала да го запознаам подобро градот“.

Првите 180 туристи од Амстердам, Холандија пристигнаа со чартер летот на компанијата „Корендон“. Од ТАВ Македонија потенцираат дека се презадоволни што ваквите летови со холандски туристи се реализираат шеста година по ред.

„Очекуваме ова лето „Корендон“ да носи туристи од Холандија, на почетокот со два лета неделно, а потоа во екот на сезоната, во јули и август, со три лета неделно кон Охрид. Овие чартер летови, како и трите редовни линии од аеродромот „Свети Апостол Павле“ кон Базел, Лондон и Цирих, заедно со новата линија Охрид – Белград, која следниот месец ќе ја воведе „Ер Србија“, заедно со регуларните чартери на „Аркефлај“, исто така од Холандија, ќе придонесат за заживување на охридскиот аеродром, поголем сообраќај, но и проширен и збогатен прилив на туристи во Охрид. Оние туристи што повторно доаѓаат во Охрид, веќе ги познаваат неговите убавини, а оние што прв пат пристигнуваат во Македонија, веруваме дека ќе се воодушеват од природата и културните знаменитости на македонскиот туристички бисер“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Од партнер агенцијата на „Корендон“, компанијата „Фибула Ер Травел“ гарантираат за врвните услуги кои гостите ги добиваат со години наназад.

„Оваа година ќе биде година каде ќе ги подобруваме нашите услуги, нашиот третман кон луѓето кои доаѓаат од Холандија, ќе ги презентираме убавините кои што ги има Охрид, заедно со Охридското Езеро и целата нашата држава. Се надевам дека оваа година ќе допринесе да креираме нови клиенти во Македонија за наредните години“, изјави Ерхан Сулејманоски, претставник на Турската компанија „Фибула Ер Травел“.

Од ТАВ Македонија велат дека летово во Охрид, преку чартер летовите на „Корендон“ и „Аркефлај“, кои започнаа во мај и ќе траат до октомври, може да се очекуваат над 25 илјади туристи од Холандија. Во овој период, од двете компании заедно се очекува во Охрид да долетаат над 150 авиони со холандски туристи. Минатата година во периодот мај -октомври преку „Свети Апостол Павле“ биле превезени над 80 илјади патници.

XS
SM
MD
LG