Линкови за пристапност

Нов протест против државниот испит

  • Борјан Јовановски

Во исто време кога во Собранието започнуваше седница на чиј дневен ред се наоѓа предлогот на владата за измени во законот за високо образование

Студентскиот пленум денеска организираше нов протест пред Собранието на Република Македонија. Протестот беше закажан во 11 часот, во исто време кога во Собранието започнуваше седница на чиј дневен ред се наоѓа и предлогот на владата за измени во законот за високо образование, а со коишто е предвиден државен испит. Студентите и професорите, коишто и претходно протестираа против државниот испит, сметаат дека начинот на којшто тој се институционализира е кршење на универзитетската автономија.

„Со овој закон се крши автономијата на Универзитетот. Ако тој се донесе, од утре ќе можеме да ги распуштиме факултетите. Сакаме да го прашаме министерот Адеми дали дипломи ќе се добиваат на квиз со пет прашања? Дали треба да носиме партиска книшка на полагање како што е со вработувањето? Ако сето ова се случи, ние ќе преземеме радикални мерки, ќе бојкотираме, ќе блокираме и ќе окупираме. Универзитетот е наш и повторно ќе го преземеме“, изјави Ана Нешковка од Студенскиот пленум.

Неколку стотици студенти и професори денес пред Собранието изразија незадоволство од односот на институциите кон нивните ставови и аргументи против измените на законот.

Студентите испратија апел до сите граѓани да им се придружат на нов протест пред Собранието, вечерва во 19 часот. Студентскиот пленум го прогласи законодавниот дом за место каде што е убиена автономијата на Универзитетот и ги повика граѓаните вечерва да се соберат на симболично погребување на високото образование.

Во Собранието започна седницата. Точката на којашто ќе бидат расправани измените во законот за високо образование се очекува да стигне на дневиот ред подоцна попладнево.

XS
SM
MD
LG