Линкови за пристапност

Нов тон во македонско-бугарските односи

  • Борјан Јовановски

По средбата во Ќустендил: добар почеток, но допрва престои работа.

Македонија и Бугарија симболично ги затоплија односите по последната заедничка средба на двете влади во Ќустендил, но сепак остануваат отворени прашања кои и понатаму фрлаат сенка врз билатералните врски, како и врз процесот на евроатлантските интеграции на Македонија.

Бугарија експлицитно бара потпишување на Договор за добрососедство.

„Покрај заедничката историја, разлики меѓу двете земји постојат и во врска со еден член во Уставот на Македонија којшто говори за македонските малцинства во соседните земји, како и за јазикот“, соопшти бугарскиот шеф на дипломатијата, Кристијан Вигенин.

„Не се лесни овие прашања, но јас мислам дека доколку има доволно добра волја од двете страни, прашањата можат да бидат решени, уште повеќе што тој Договор на европски начин ќе ги регулира нашите односи. Не сакам да звучи како ултиматум, но македонската страна е информирана дека за нас тој Договор е важен. И, да, потпишувањето на тој Договор ќе го одблокира од наша страна патот на Македонија кон европските структури“, рече Вигенин.

Барањето за потпишување на Договор за доброседство како клучно го истакна и бугарскиот премиер Орешарски на средба со колегата Груевски, но македонскиот премиер воопшто не го коментираше, па оттаму останува непознато каков е ставот на Владата по ова прашање.

Во дипломатскиот дневник на Интернет-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, министерот Никола Попоски наведува дека „имаме максимална посветеност да продолжиме да ги унапредуваме односите со Република Бугарија“ и дека „најбитно ни е да ги поврзуваме економски и инфраструктурно граѓаните од двете земји и да поттикнуваме најпозитивна клима во нашите односи“, но и дека „пристап во разговорите околу Договорот е да не се наметнуваат насила решенија, туку да се цели кон текст со кој ќе бидат комфорни двете земји, влади и пред се` граѓаните“.

Според поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Ѓорѓи Спасов, средбата во Ќустендил е добра, но носи и обврски.

„Средбата е симболички чин на изразување на волја и подготвеност на двете страни да се надминат недоразбирањата. Тоа е добар потег на македонската влада, но и обврска да покаже дека средбите со премиерите од соседните земји не ги бара за групно фотографирање и глумење желба да ги реши проблемите, туку дека има сериозни намери да ги унапреди добрососедските односи“, изјави Спасов.

Она што не е добро е што на овие средби, како во Белград, така и Ќустендил, не учествуваат министрите - етнички Албанци, смета поранешниот амбасадор во Софија.

Директорот на Европскиот институт за меѓународни односи од Софија, Димитар Бечев, позитивно ја оцени средбата.

„Таа средба донесе позитивна промена, а и нов тон во односите. Самиот факт што Бугарија не мафта со ветото за Македонија во ЕУ е многу добра вест“, смета овој експерт.
XS
SM
MD
LG