Линкови за пристапност

Црна Гора може да ѝ помогне на Македонија за НАТО


Генералниот секретар на Алијансата рече дека Црна Гора може да соработува со останатите партнери од регионот, во нивната НАТО аспирација

Членството на Црна Гора во НАТО ќе придонесе за стабилноста на целиот Западен Балкан, вели генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Столтенберг вели дека Црна Гора може да им помогне на другите партнери од регионот, во однос на нивната аспирација кон Алијансата.

„Црна Гора сега може да работи со сите сојузници на Алијансата, како и да им помогне на Босна и Херцеговина и на поранешната југословенска република Македонија. Тие не се членки на НАТО, но, се партнери на Алијансата, и ние работиме со нив. Исто така работиме и со Србија. Партнерството со оваа држава за мене е многу значајно, бидејќи живеев во тој регион кога бев дете“, изјави Столтенберг, за Српската редакција на Гласот на Америка.

Тој вели дека Црна Гора ќе учествува во напорите на НАТО во зацврстување на политичкиот договор со партнерите на Алијансата, особено со партнерите од Западен Балкан.

Столтенберг најави дека НАТО ќе застане зад каков било надворешен притисок врз овој регион.

„Гледаме многу извештаи за руско мешање на Западен Балкан, што ја нагласува потребата од изградба на силни безбедносни институции“, рече Столтенберг

И Стејт департментот, вчера изјави дека приклучувањето на Црна Гора во НАТО значи дека вратата на НАТО ќе остане отворена за оние држави, кај кои постои волја и способност да ги спроведат потребните реформи, со цел да одговорат на високите стандарди на НАТО, како и да ги прифатат ризиците, одговорностите и бенефициите на членството.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG