Линкови за пристапност

Обама: верската слобода е важна за националната безбедност


А нејзината промоција во странство е клучен дел од надворешната политика, кажа претседателот на Националниот молитвен појадок во Вашингтон.

Верската слобода е важна за американската национална безбедност, а нејзината промоција во странство е клучен дел од надворешната политика на САД, подвлече Барак Обама утрово на годишниот Национален молитвен појадок во Вашингтон. Оној што наштетува на друг во име верата, го руши односот со Бога, порача американскиот претседател.

„Ширум светот, верската слобода е под закана и на тоа сакам да се задржам утрово. Гледаме како влади вршат дискриминација и насилство против верата. Понекогаш, гледаме како верата се искривоколчува, во обид да се оправда омразата и гонењето на лица, само поради тоа што се, како се молат, или кого сакаат“, рече Обама.

Тој ги повика присутните да се помолат за оние што се заробени поради нивните верски убедувања, меѓу нив и за Кенет Беј, зад решетки во Северна Кореја, и Саид Абедини, затворен во Иран.

На настанот присуствуваа и првата дама Мишел Обама и потпретседателот Џо Бајден, чествувајќи ја својата христијанска вероисповед. Националниот молитвен појадок го организираат членови на Сенатот и Претставничкиот дом. Тие редовно, секоја недела, се собираат на молитва на Капитол Хил. Од 1953-та - наваму, сите американски претседатели присуствувале на годишниот настан. Гости од преку 130 земји присуствувале на појадокот, а меѓу нив голем број државници од странство и други познати личности, како Мајка Тереза, поранешниот британски министер Тони Блер и музичарот Боно.
XS
SM
MD
LG