Линкови за пристапност

НАСА ќе бара знаци на живот на Марс


Со нов ровер во 2020-та ќе бидат собрани примероци што ќе можат да бидат вратени на Земјата со подоцнежна мисија

Американската агенција за вселената, НАСА, планира да испрати уште еден ровер на Марс во 2020.

Тим од 19 научници и инженери назначен од НАСА вели дека следниот ровер ќе бара знаци на поранешен живот на Црвената планета и ќе собира примероци за можно идно враќање на Земјата.

Членка на тимот, Линди Елкинс-Тантон од Институцијата Карнеги во Вашингтон, ја проучува еволуцијата на планетите. На новинарите на телеконференција од НАСА таа им кажа дека прашањата се движечката сила за научни откритија.

„И едно од најголемите прашања за целото човештво е – дали сме сами? Ние се надеваме дека по тоа прашање ќе направиме навистина голем напредок со оваа мисија Марс 2020“, кажа таа.

Научниците веќе постигнаа голема победа кога роверот Кјуриозити на НАСА, кој слета на Црвената планета минатиот август, обезбеди докази дека стариот Марс имал средина што можела да поддржи живи микроби.

Тимот вели дека следниот чекор е всушност барање на зачувани отисоци на биолошки организми на античките карпи и почва.

Џек Мастард е претседател на, како што е наречен, Тимот за научна дефиниција, и е професор за геолошки науки на Универзитетот Браун во Род Ајленд. Тој вели дека членовите на тимот не дискутирале дали да бараат постоечки живот на Марс.

„Но има чувство, врз база на научни докази што ги имаме денеска, дека најлогични чекори напред би биле да се бараат знаци на живот во самите карпи“, објасни тој, додавајќи дека доказите сугерираат оти средини што овозможувале живот на Марс биле вообичаени во античкото минато.

Следниот ровер ќе изгледа слично како роверот Кјуриозити, во величина на автомобил, со шест тркала, делумно и заради фактот што користењето на постоечки дизајн е поевтино. Роверот 2020 ќе може да дупчи во примерок на марсовска карпа исто како Кјуриозити. Но тимот вели дека главна цел за следниот ровер е да спакува 31 примерок што би можеле да бидат вратени на земјата со подоцнажна мисија.

Џон Грансфилд, поранешен астронаут и помошник администратор за наука во НАСА, забележа дека токму можноста за враќање на земените примероци на Земјата се специфични за оваа мисија.

„Не исклучувам дека можеби човечки истражувачи ќе одат таму и ќе го земат товарот, за 20 или повеќе години од сега. Тоа е исто така цел – да се стават астробиолози и планетарни научници на површината на Марс“.

Тимот исто така вели дека роверот 2020 ќе може да ги напредне плановите на НАСА за човечко истражување на Црвената планета во 2030-те. Мисијата 2020 може да им помогне на научниците да сфатат какви опасности може да крие прашината на Марс или да демонстрира начини за собирање на јаглероден диоксид што би можел да биде искористен како извор за правење кислород или ракетно гориво.

Тимот за научна дефиниција 2020 е составен од стручњаци од универзитети, истражувачки институции и од НАСА. Тие минале поголем дел од 2013-та во подготовка на упатства за мисијата Марс 2020 и во вторникот го објавија својот извештај на 154-страници.
XS
SM
MD
LG