Линкови за пристапност

Летало на НАСА допре до атмосферата на Марс


МАВЕН ќе истражува како испариле гасовите и водата

Американско вселенско летало синоќа допре до атмосферата на Марс кадешто ќе ги проучува горните слоеви и ќе бара одговор на прашањето како пленатета со текот на времето се променила, од место кадешто можеби живееле микроби, во студен и гол пустински свет.

Леталото на НАСА наречено МАВЕН, што е кратенка за Атмосферата и еволуцијата на испарување на Марс, мина 711 милиони километри и му беа потребни 10 месеци да стигне до целта. Тоа ќе ја мери стапката на губење на гасовите во атмосферата.

Научникот Брус Џакоски, којшто раководи со мисијата, наведува дека целта е да се дознае што причинило значителни промени во климата на Црвената планета во последниве неколку милијарди години: „Испитуваме што се случува во горниот слој на атмосферата. Како процесот што го вклучува Сонцето и сончевите ветришта влијае на гасот во горниот дел на атмосферата и причинува тој да испари во вселената? Во суштина, целта ни е да одговоиме на прашањето како исчезнала водата, како исчезнал јаглерод-диоксидот?“

На МАВЕН ќе му требаат шест недели да го стабилизира своето кружење околу Марс и да ги тестира инструментите пред да започне со едногодишната мисија вредна 671 милион долари.

Во моментов, три други летала кружат околу Марс - две американски и едно европско. Уште едно, од Индија, треба да им се приклучи во среда.

XS
SM
MD
LG