Линкови за пристапност

Нов сателит на НАСА ќе го истражува Сонцето


Снимка од пониските слоеви на сончевата атмосфера, направена за време на заедничката мисија Хиноде на НАСА и Јапонската агенција за истражување на вселената.

Снимка од пониските слоеви на сончевата атмосфера, направена за време на заедничката мисија Хиноде на НАСА и Јапонската агенција за истражување на вселената.

Ќе се фокусира на пределот меѓу сончевата фотосфера и короната и неговото влијание на Земјата.

Горниот слој на атмосферата на Сонцето, познат како корона, е илјадници пати потопол од неговата површина. Научниците од американската вселенска агенција НАСА се обидуваат да откријат како доаѓа до тоа. Тие подготвуваат мисија што треба да го истражи пределот меѓу сончевата фотосфера и короната.

Енергијата и плазмата што протекуваат низ овој предел имаат влијание на Земјата. Тој е извор на сончевите ултравиолетови зрачења што се одразуваат на климата на нашата планета и на нејзниното непосредно вселенско опкружување. Пределот е и двигател на сончевите ветришта.

НАСА работи на нов, мал сателит под кратенката ИРИС (во превод, Сликовит спектограф за интерфејс-пределот) што ќе биде опремен за комплексна сончева опсервација.

„Сакаме да откриеме кои се базичните физички процеси што ја трансформираат енергијата и материјалот од површината на Сонцето кон горната атмосфера и короната. Да не заборавиме, короната се простира се` до хелиосферата. Ние живееме во надворешната атмосфера на Сонцето“, вели Алан Тајтл, главниот истражувач на Проектот ИРИС од Центарот за современа технологија на Локхид Мартин во Калифорнија.

Сателитот ќе направи цнимки од висока резолуција што дури ќе ги прикажат и поединечните структури на енергијата како рапидно се шират од Сонцето. Овие снимки ќе бидат три до четирипати подетални од оние на Опсерваторијата за сончева динамика на НАСА, наведуваат во американската веселенска агенција.

ИРИС ќе набљудува случувања при опсег на температури од 5.000 до 65.000 степени Целзиусови, па и до 10 милиони степени Целзиусови - при сончеви ерупции. Сето тоа - од безбедна далечина, вели Тајтл, давајќи ги следниве податоци: „ИРИС се врти околу Земјата, така што ќе биде само 600 километри поблиску до Сонцето отколку што сме ние на Земјата. Значи, ИРИС ќе биде на растојание од околу 92 милиони милји од Сонцето“.

Мисијата што чини 181 милион долари треба да трае две години, иако научниците се надеваат дека ИРИС би можел да функционира и многу подолго. НАСА ќе го лансира сателитот од Калифорнија на 26-ти јуни.
XS
SM
MD
LG