Линкови за пристапност

Три екипи од Македонија на натпревар на НАСА

  • Соња Трајковска

„Предизвик на вселенските апликации“ бара решенија за актуелните глобални потреби денес, на Земјата и во вселената.

Три екипи од Македонија учествуваат на меѓународниот натпревар „Предизвик на вселенските апликации“ што го организира американската вселенска агенција НАСА, а чии победници ќе бидат познати за две недели.

Вкупно 15 македонски студенти, поделени во трите екипи, се надеваат на главната награда - посета на седиштето на НАСА и присуство на лансирање на ракета во септември годинава. Во конкуренција на оваа таканаречена инкубатор-иновациска програма на НАСА се екипи од 100-тина земји што работат на решенија за актуелните глобални потреби денес, на Земјата и во вселената.

Екипите „Ламбда“ и „КосмЕксКриејтив“ ќе го чекаат последниот збор на жирито во категориите „Галактичко влијание“ и “Најинспиративно“. За разлика од нив, учинокот на Артан Рамани, Суад Саљиу, Висар Зејнулаху, Блерант Рамадани и Јован Андонов, или тимот „ДЕКАван“, зависи директно од гласањето преку Твитер, бидејќи тие се македонските натпреварувачи во категоријата „Избор на публиката“.

„Ова претставува голем успех за нас младите, но исто така и за нашата земја, затоа што докажуваме дека и Македонија има многу талентирани млади инженери и научници кои можат да работат на предизвиците на НАСА“, кажа Јован Андонов во име на тимот, во обраќањето до јавноста во Македонија.

Но, ова не се првите претставници од Македонија што досега учествувале на овој меѓународен натпревар. Минатата година, студентите Никола Петков, Стефана Филипова и Филип Спасовски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), добија признание „Топ 3 најдобри во класата“ за нивната апликација за подобрување на перформансите и функционалноста на „АрдуСат”сателитот.

„НАСА „Space Apps Challenge“ ни овозможи да застанеме рамо до рамо со другите земји од светот и да ги претставуваме нашиот факултет и државата“, изјави Филип Спасовски.

Освен за лична промоција и сатисфакција, овој натпревар е корисен и за промоција на македонските образовни институции, бидејќи служи како независен механизам за проверка на квалитетот на студентите.

Ирена Чаушевска, косопственик на „Њуменс бизнис екселерејтор“, македонско-американската компанија што е еден од организаторите на натпреварот во Македонија, најавува уште многу други проекти за едукација и истражувања во областа на информатичко-комуникациската технологија и креативните индустрии, на релација Македонија-САД.

Во моментов таа престојува во Лос Анџелес, на средби со проектниот менаџер и инженер за вселенски летала и поранешен НАСА астронаут, Герет Реисман, којшто во моментов работи на подготовка на вселенското летало Драгонрајдер на СпејсЕкс што НАСА го користи за летови до Меѓународната вселенска станица.
XS
SM
MD
LG