Линкови за пристапност

Нов рекорд на НАСА


Американската вселенска агенција доби повеќе од 18.000 апликации за астронаути.

Кога НАСА минатиот декември објави дека прифаќа апликации за идни астронаути, вселенската агенција најверојатно не очекуваше да прими над 18.000 апликации. Претходниот рекорд беше од 2012 година, кога аплицирале третина од овој број, а во 1978 година агенцијата добила „само“ 8.000 барања.

„Воопшто не сум изненаден дека толкав број на Американци, со различно образование сакаат лично да придонесат за нашето возбудливото патување на Марс“ вели поранешниот астронаут и сегашен администратор во НАСА, Чарли Болден.

„Само неколку исклучително талентирани мажи и жени од оваа група ќе станат астронаути и ќе патуваат во вселената од американско тло, со американско вселенско летало“, вели тој.

Вселенската агенција ќе избере осум до четиринаесет апликанти. НАСА соопшти дека ќе го обелодени крајниот избор во 2017-та година.

„Имаме тешка работа со толку многу апликации“ вели Брајан Кели, директор на операциите за летање во Вселенскиот центар Џонсон во Тексас. „Но, охрабрувачки е да се знае дека голем број на луѓе ја препознаваат оваа одлична можност, да се биде дел од возбудливата мисија на НАСА. Со нетрпение очекувам да се сретнам со овие мажи и жени кои се доволно талентирани за да се најдат на врвот големиот избор на извонредни кандидати.“

Избраните ќе имаат двегодишна обука во Вселенскиот центар Џонсон, за „системите на леталата, вселенски вештини, тимска работа, руски јазик и останати потребни вештини.“

Оние коишто ќе ја поминат обуката ќе бидат распоредени на еден од четирите вселенски летала, вклучувајќи ја Меѓународната вселенска станица, леталото Орион или на еден од двата комерцијални вселенски летала.

XS
SM
MD
LG