Линкови за пристапност

Табакера за папата


Единствениот наследник на Мајка Тереза во Скопје, за Гласот на Америка, пред канонизацијата в недела, открива дел од животот на нобеловката

Ѓомбар Алојз Луис е единствен наследник на имотот на Мајка Тереза во Скопје, а спомените за неа ги оживува секој ден во својот дуќан, каде изработува филиграни со нејзиниот лик.

Луис само што ја заврши и сребрената табакера, со статуетка на Мајка Тереза, која ќе му ја подари на папата Францис на церемонијата во Ватикан.

„Татко и` на Мајка Тереза и мојата баба се брат и сестра. Мајка ми е прва братучетка на Мајка Тереза. Јас не сум единствен потомок, туку сум единствен наследник и на тапиите на Мајка Тереза. Тоа се тапиите од куќата кои се препишани на мојот дедо, а дедо ми ги дава на мојот вујко, чиј единствен наследник сум јас“, вели Луис.

Вака накратко тој ја објасни роднинската врска, првпат споделувајќи дел моментите поминати со неа.

„Имаше една случка кога Мајка Тереза дојде во станот на вујко ми во Скопје. Се собравме цела фамилија. Таа дојде со едно торбиче и полуискинати сандалчиња, но носеше и нови во торбата. Ја прашав зошто не го носи новите, а таа ми одговори дека нејзинит пат е долг, и останува уште многу за одење со новите“, се сеќава тој.

Луис вели дека вербата на Мајка Тереза во Господ била преголема, поради што и никогаш не се разболела, иако била во контакт со болни, па дури и со лепрозни.

Вели дека е среќен што денес луѓе од секаде доаѓаат да го посетат и допрат за раце, верувајќи дека на тој начин се близу до Мајка Тереза.

„Кога ја доби Нобеловата награда за мир таа ја вложи за да може да им помогне на сиромашашните и на лепрозните. Затоа денес има и многу организации на чесни сестри, под знакот на Мајка Тереза“, открива Луис.

Се` уште не одлучил што ќе му пренесе на папата, а најголема желба му е да го посети нејзиниот гроб во Индија.

Сестрата Леонард од Центарот „Мисионери на милосрдие“ во Вашингтон вели: „Се сеќавам на неа како на милослива сестра и одраз на божја љубов кон светот“.

Папата Францис дозволи Мајка Тереза да биде прогласена за светица во декември минатата година, кога со декрет го одобри нејзиното второ чудо.

Како се станува светец?

Не може секој да биде светец. Римокатоличката Црква има дефинирано прецизни услови кои треба да се исполнети. Еве кои се:

  • Лицето да биде мртво најмалку 5 години.
  • На лицето да може да му се припише заслуга за две чуда по смртта.
  • Да помине детална проверка (има детални упатства што спаѓа во таа проверка)

А еве што значи титулата „светец“:

  • Дека лицето е во рајот.
  • Дека му е пријател и му служи на Бог.
  • Дека лицето може да биде повикано на/во молитва (прецизни инструкции) и чудо се случува благодарение на молитвата на светецот, што ја покажува неговата блискост со Господ.
  • За светецот сведочат сведоци и се разгледуваат писмени трудови за него

Овој процес започнува локално, а потоа оди во Ватикан.

Може да биде повикан некој што ќе зборува во име на „ѓаволот“ (следат детални инструкции)

Ако папата даде одобрение, тој ќе изврши канонизација.

И така е роден нов светец.

XS
SM
MD
LG