Линкови за пристапност

ВМРО ДПМНЕ не успеа да направи уставни измени за дефинирањето на бракот

  • Борјан Јовановски

Иницијативата на владеачката партија за измени во Уствот кои требаше да го дефинираат бракот како зедница на маж и жена. не успеа да го добие потребното двотретинско мнозинство во Собранието.

Оваа иницијатива имаше за цел, како што објасни иницијаторот Влатко Ѓорчев, треба да обезбеди уставна заштита и јасна дефиниција на бракот како заедница меѓу маж и жена. Според него тоа ќе овозможело натамошна заштита на децата и афирмација на нивно воспитување во семејна средина „каде носечки дел се мајката и таткото со истовремена поддршка и на самохраните родители“.

„Бракот како институција е пред предизвик и постојат тенденции за промена на оваа институција - да се овоможи таа да се склучува меѓу двајца мажи или меѓу две жени“, изјави пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Влатко Ѓорчев кој беше иницијатор на овие измени во Уставот.

Од СДСМ се спротивставија на овие иземни на Уставот и велат дека нема потреба од уставни измени со оглед на тоа што материјата и бракот како што го дефинира ВМРО ДПМНЕ е заштитен во законот.

Според Ѓорчев, пак, во СДСМ постоеле тенденции тој закон да биде сменет. „Доколку се заштити бракот во Уставот промената ќе биде потешко да се направи“, вели тој.

Тој смета дека СДСМ скриено работи на обезбедување на правата за хомосексуални бракови. Доказ за тоа според Ѓорчев е и инцијативата на Хелсиншкиот комитет за уставни измени со која ќе се овозможат хомосексуални бракови. Ѓорчев во Собранието рече дека смета оти Хелсиншкиот комитет работи во координација со СДСМ.

Инаку, Хелсиншкиот комитет поведе иницијатива за измена на Уставот минатата година. Од таму за оваа иницијатива го дадоа следново образложение.
„Уставот на Република Македонија е највисок правен акт во кој се содржани основните човекови права и слободи. За разлика од законите, постапката за менување на општите правила и норми содржани во Уставот бараат поширока политичка поддршка поради намената и оддржување на систем на владеење на право и еднаквост. Воедно на граѓаните им овозможува правна сигурност од директно мешање и рестрикции на државата односно извршната власт во основните права и слободи, принципот на еднаквост во права и слободи и владеење на правото во демократски систем. Согласно горенаведеното, основните права и слободи како што се правото на само-идентификување, правото на приватност со особен акцент на семејниот живот, статус и воедно правото на слободен избор не треба да бидат предмет на воведување на рестрикции. Ова особено се однесува на рестрикции кои може да влијаат кон воспоставување на нееднаков третман и дискриминација во општеството како целина имајќи ја предвид хетерогеноста на општествените групи и индивидуалното (не)припаѓање кон некаков колектив" се вели во образложението на Хелсиншкиот комитет.

Во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик, извршниот директор на ХК Уранија Пирговска рече дека оваа инцијатива на ВМРО ДПМНЕ нема правна оправданост и очигледно е дека таа има цел да воспостави дискриминаторки систем за одредени маргинализирани групи и зголемување на хомофобијата.
Оваа иницијатива не успеа да го добие потребното мнознтсво гласови бидејќи покрај СДСМ таа не доби подршка ниту од пратенците од двете најголеми етнички албански полтички партии ДУИ и ДПА.
XS
SM
MD
LG