Линкови за пристапност

Враќани или не, мигрантите продолжуваат да пристигнуваат на грчките острови


Стотиците бегалци доаѓаат на грчките острови и покрај меѓународниот договор да бидат испратени назад во Турција

Според очевидци, речиси 900 бегалци, вклучувајќи Сиријци, Ирачани и Авганистанци, во неделата пристигнаа на четири грчки острови. Властите соопштија дека притоа загинале 4 лица, меѓу нив две деца. Претходно, на либиското крајбрежје, животот го загубиле 9 други мигранти.

Согласно договорот меѓу ЕУ и Турција, постигнат во петокот, сите мигранти, вклучувајќи ги и Сиријците коишто преку море од Турција одат во Грција, по 20-ти март, штом ќе бидат регистрирани и апликацијата за азил, процесирана, ќе бидат враќани назад во Турција.

Мигрантите коишто на грчка територија пристигнале пред неделата наутро, ќе бидат процесирани по старите правила според кои – еден Сириец ќе биде испратен во некоја од европските држави, за секој од мигрантите којшто ќе се врати во Турција.

Договорот налага и владата на Анкара, која веќе е домаќин на преку 2,5 милиони сириски бегалци, да ги интензивира напорите за сузбивање на илегалната миграција. Дополнително, ЕУ треба да обезбеди помош од 6,6 милијарди долари за справување со веќе постоечката криза во Турција.

Властите сепак и натаму предупредуваат дека процедурите за враќање нема да стапат на сила пред 4-ти април и се условени со оспособувањето на работа на околу 4.000 лица во рамки на персоналот на ЕУ, вклучувајќи судии, преведувачи и обезбедување, за процесирање на секој мигрант поединечно.

XS
SM
MD
LG