Линкови за пристапност

Проблемот со бегалците не е проблем на регионот туку на цела Европа


Заклучокот од денешната средба на министрите за внатрешни работи на Македонија, Австрија и Србија што се одржа во Охрид

Проблемот со напливот на бегалците од Блискиот Исток е проблем на цела Европа, а не само на земјите од регионот на Југоситокот коишто се први на удар на големиот бран бегалци. Ова беше заклучено на денешната средба во Охрид на којашто учествуваа министрите за внатрешни работи на Македонија, Австрија и Србија. На состанокот присуствуваше и претставничката на унгарското Министерство за внатреши работи, Кристина Берта.

Овој заклучок од средбата на вишите претставици на четирите држави е вкучен и во завршниот документ од денешната средба.

Недвосмислено беше подвлечено дека за глобалните миграциски прашања нема фрагментарни решенија. „Овој документ претставува платформа за натамошни заеднички активности, конкретизиран со заклучоци што ќе бидат испратени до учесниците на наредниот состанок на министрите за внатрешни работи на државите од ЕУ“, истакна министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.

За потреба од заеднички пристап кон решавање на овој предизвик зборуваше и австриската министерка за внатрешни работи, Јохана Микл-Лаитнер.

„Тоа не значи решавање на проблемот веднаш, но бара вклучување на сите структури во неговото решавање, се разбира и обезбедување финансиска поддршка за негово надминување. Неопходен е интензивен заеднички пристап во справувањето со предизвикот со бегалците, особено појавите на организиран криминал што произлегуваат од обидите за нелегална трговија со луѓе. Таквите појави само го зголемуваат проблемот, така што дефинираме програми и мерки за заедничко справување со проблемот, особено со илегалната трговија со луѓе. Исправени сме пред голем предизвик, што не ги засега само партнерите од Западен Балкан, туку сите држави-членки на ЕУ“, порача Микл-Лаитнер.

Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стрефановиќ, предупреди дека во оваа ситуација не смее да се заборави кои се европските вредности и оти тие треба да се почитуваат во целост.

„Европа треба да покаже кои се европските вредности и тоа не смее да се заборави при носењето какви било мерки. Србија е подготвена да продолжи да биде добар домаќин за бегалците и активно да придонесе за решавање на проблемот, но очекуваме и останатите да преземат дел од товарот“, рече Стефановиќ.

Изјава за новинарите даде и државната секретарка за внатрешни работи на Унгарија, Кристина Берта, чија држава во мометот е изложена на критики поради третманот кон бегалците. Таа нагласи дека овој проблем бара сеевропски одговор.

„Секоја членка на ЕУ и на Шенген-зоната е обврзана да реагира според соодветната регулатива. Иако не можеме да изнајдеме решение, сепак, правиме се` што можеме за да ја заштитиме границата, а истовремено да им помогнеме на бегалците во рамки на меѓународните конвенции“, порача таа, притоа укажувајќи на потребата од измена на европските регулативи за забрзување на процедурите за издавање дозволи за азил и системот за казнување на трговците со луѓе.

На состанокот беше заклучено дека ЕУ треба да најде одговор на фактот што ниту Србија, ниту Македонија не се членки на ЕУ, а низ нивна територија минуваат лица кои доаѓаат од држава во Шенген-зоната и заминуваат во таква држава.

Бегалците коишто доаѓаат од Блискиот Исток и Африка меѓу кои најголем број се Сиријци, до крајот на 2014-та година во Европа влегуваа главно преку водите на Медитеранот. Од почетокот на 2015-та, поради големиот број загинати во морските води, тие ја променија рутата и сега своето патешествие кон Европа го започнуваат од Турција, преку Грција, Македонија и Србија, за да стигнат до Унгарија од каде понатаму воглавно се обидуваат да стигнат до Германија, Велика Британија, Шведска и Белгија каде што ги поднесуваат барањата за азил.

XS
SM
MD
LG