Линкови за пристапност

Протести во Мичиген


Над 10.000 лица против мерката што го ограничува влијанието на синдикатите.

Над 10.000 демонстранти се собраа околу Конгресот на Мичиген и протестираа на температури под точката на мрзнење. Внатре, пак, пратениците ја усвоија првата од двете мерки кои се однесуваат на правото на работа и го ограничуваат влијанието на трудовото движење во сојузната држава позната како синдикално упориште.

Доколку биде спроведена во дело, легислативата ќе зададе тежок удар на синдикатите со тоа што ќе им забрани да вршат влијание на работниците да станат членови и да плаќаат членарина. Таа би се однесувала на синдикатите и во приватниот, и во јавниот сектор, освен пожарникарските и полициските.

Републиканскиот гувернер на Мичиген Рик Снајдер вети дека ќе ги потпише законите по итна постапка.

Претставникот во Конгресот на Мичиген Тим Грејмел, кој е демократ, го обвини гувернерот дека сака да ја престори сојузната држава во „средина на минимални примања каква што гледаме во Кина“.

Фред Кит, градежен работник кој членува во Меѓународниот синдикат на металски работници, за Гласот на Америка изјави дека легислативата е обид да се намалат платите и заштитата за работниците.

Од друга страна, Винсент Вернучио од конзервативниот Центар за јавна политика Макинак смета дека на Мичиген му е потребна легислатива за правото на работа, за да влезе во конкуренција со другите сојузни држави.

Усвојувањето на легислативата во Милчиген, срцето на изразито синдикално обоената автомобилска индустрија, би дало најголем замав досега на движењето за право на работа на американскиот Среден Запад и би можело да ја забрза промената во балансот на моќта - од работниците, на менаџментот, ширум целата земја.

Мичиген има петти најголем процент на работници кои членуваат во синдикати во земјата и би станал 24-тата сојузна држава што вовела ваква легислатива.

Стручњаците наведуваат дека последиците од легислативата се се` уште нејасни.

Соседната држава Висконсин воведе неколку закони што наголемо ја ограничуваат моќта на синдикатите во јавниот сектор. Нејзиниот успех во ограничување на наставничките синдикати и синдикатите на работниците од јавната администрација ги охрабрија политичарите од другите сојузни држави.
XS
SM
MD
LG