Линкови за пристапност

Медведев на Крим


Рускиот премиер Дмитриј Медведев
Рускиот премиер Дмитриј Медведев

Рускиот премиер најавува посебна економска зона на полуостровот. САД, пак, бараат Русија да ги повлече војниците од границата со Украина.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев е во посета на Крим. Тој е највисокиот по ранг руски претставник што го посeтил регионот откако Русија го грабна од Украина нешто порано месецов. На чело на делегацијата руски претставници, Медведев рече дека ќе разговара, како што кажа самиот, за развојот на полуостровот.

Медведев најави и дека Русија ќе создаде посебна економска зона на Крим, нудејќи деловни поттици преку пониски даноци и поедноставени правила. Тој, воедно, вети дека ќе ги зголеми платите и пензиите на Крим.

Вчера, пак, американскиот државен секретар Џон Кери побара Русија да ги повелече илјадниците војници насобрани долж границата со Украина. Кери на средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров порачал дека овие сили создаваат атмосфера на страв во Украина и дека нивното присуство не чини ништо за дипломатијата. Лавров директно не коментираше на руските сили, но поголемиот дел на минатата недела ја мина во обид да ги увери САД дека Русија не планира да ја мине границата со Украина.

Кери кажа дека со Лавров се согласиле дека Украинците имаат право самите да одлучуваат за својата иднина.

САД проценуваат дека Русија има 40.000 војници долж границата, додека Украина тврди дека бројот е блиску до 100.000. Русија тврди дека има право да ги заштити лицата со руско потекло во Украина, употребувајќи го тоа оправдување за преземањето на Крим.
XS
SM
MD
LG