Линкови за пристапност

Реформи во медиумите, за кредибилни информации пред изборите


Европската комисија во последниот извештај, меѓудругото, нотираше самоцензура и недоволен пристап на новинарите до јавни информации

Прашањето за медиумите речиси и да не е отворено, проценува Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Причините за таквата ситуација е, како што вели, односот на власта, која смета дека нема потреба од реформи во оваа област.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, за Гласот на Америка, го објаснува проблемот.

„Лошо е што политичките партии, а во еден дел и меѓународната заедница, се фокусирани на тоа што треба да се направи за да обезбедиме фер избори. Мислам дека прашањето треба да биде малку пошироко. Прашањето за слобода на медиумите е прашање загарантирано со Устав, и не може толку тесно да му пристапиме на овој процес. Ако се прифатат клучните барања, тогаш ќе се овозможи граѓаните на Македонија во предизборите и во текот на изборите да добијат кредибилни информации, врз основа на кои ќе носат сериозни одлуки“, вели Селмани.

Во тие барања, меѓудругото, се Националниот сервис да се ослободи од партиските стеги, и да се воведе ред медиумите да се однесуваат во согласност со обврските што ги презеле.

Долгогодишниот новинар и член на Советот на Агенцијата за медиуми Зоран Фиданоски, вели дека на македонското новинарство не му се потребни бајпаси, туку суштински решенија.

Неговиот личен став е дека тие измени треба конечно да бидат ставени на вистински колосек.

„Во правец на темелни и суштински реформи во медиумите, бидејќи само на таков начин можеме да создадеме услови за нормална и професионална работа на фелата. Без дилема, темелна реформа на Јавниот сервис, реформа на Агенцијата за медиуми, прекин на владиното рекламирање, како и подобри безбедни услови за работа на новинарите“, изјави Фиданоски.

Европската комисија, која преку посредник ги менаџираше разговорите за медиумите, кои не дадоа резултат, во својот последен извештај, но и во настапите на нејзините претставници во Македонија, нотира недостаток на балансирано известување, самоцензура, недоволен пристап на новинарите до јавни информации и други недостатоци.

XS
SM
MD
LG