Линкови за пристапност

Марс можеби имал прстени, и може повторно да ги има


Истражувачите мислат дека планетата била погодена од астероид или друго тело, по што биле создадени прстени

Нова студија сугерира дека планетата Марс можеби во минатото имала прстени како оние на Сатурн, а може и повторно да ги има.

Според модели развиени од страна на истражувачите на Универзитетот Пердју, пред околу 4,3 милијарди години црвената планета најверојатно била погодена од астероид или друго тело. Остатоците постанеле прстен, пред да се сраснат и постанат природен сателит.

Истражувачите одамна шпекулираат дека депресијата Бореалис на планетата била создадена од надворешно влијание. На овој басен отпаѓа околу 40 отсто од површината на Марс.

„Тоа големо надворешно влијание донело доволно материјал на површината на Марс за да се формира прстен“, вели Ендрју Хеселброк - докторант на Универзитетот Пердју, кој помогнал во развивањето на моделот.

По формирање на природен сателит, научниците веруваат дека гравитацијата на Марс го повлекува сателитот се` поблиску и поблиску до планетата. Во одреден момент, гравитацијата на Марс „ќе го прекрши сателитот,“ теоретизираат истражувачите.

Всушност, Фобос, еден од двата природни сателити на Марс се доближува до црвената планета, а научниците сметаат дека за околу 70 милиони години, тој ќе се распадне, потенцијално создавајќи повеќе прстени.

Истражувачите мислат дека циклусот можеби се повторува во текот на милијарди години, и со секое наредно повторување, новиот сателит ќе биде пет пати помал од претходниот, затоа што некои остатоци паѓаат на површината на Марс.

Научниците велат дека постојат необјаснети седиментни депоа во близина на екваторот на планетата.

Студијата е објавена во списанието Nature Geoscience.

(Мет Хилбурн)

XS
SM
MD
LG