Линкови за пристапност

Патот кон Марс преку Месечината?


Можеби е изводлива, но пред мисијата на Црвената планета се исправени бројни предизвици.

Од последната мисија на Месечината пред половина век, ентузијастите за прашања поврзани со вселената, говорат за патувања кон Марс.

Претседателот Барак Обама неделава го повтори ставот за патувања на Марс, а мисијата за прв пат беше предложена во април, 2010-та. Тој повика на партнерство со компании од приватниот сектор за создавање услови за испраќање на човечки екипаж до и од Марс до 2030-те години.

Сепак, пред идната мисија на Црвената планета се исправени бројни предизвици.

Главниот проблем ќе биде радијацијата. Астронаутите кои би биле испратени на мисијата која би траела неколку месеци, можно е да имаат проблеми со здравјето, бидејќи патувајќи, леталото ќе биде изложено на радиоактивните зраци.

Другaта препрека е од политички аспект. Критичарите на идејата во Конгресот се обидуваат да дознаат зошто САД сакаат да потрошат милијарди долари за мисија на Марс, ако нема практична причина за тоа. Приватните компании можат да најдат одредена комерцијална вредност за авантурата на Црвената планета, но скептиците се прашуваат дали компаниите ќе можат да го реализираат планот, без помош од владата.

Дополнителен проблем е временската рамка. Кога би се создале реални услови за мисијата?

Сето ова придонесува одредени експерти да се вратат на идејата да се употреби Mесечината како прв чекор во реализирање на долгорочниот план да се стигне до Марс.

За време на администрацијата на претседателот Џорџ В. Буш, експертите изработија план за враќање на Месечината за да се тестира опрема за идна мисија на Марс. Но, идејата подоцна беше отфлена и фокусот беше ставен на долгорочен проект да се оди директно на планетата и покрај тоа што би биле потребни 20 или 30 години.

Пол Спудис од Институтот за истражувања на Месечината и планетите во Хјустон, Тексас, за Гласот на Америка изјави дека претходните мисии на НАСА би ги олесниле активностите, бидејќи според тоа искуство, Месечината има корисни ресурси, како замрзната вода на половите.

Спудис предлага да се почне со роботи коишто би го извршиле поголемиот дел од прелиминарната работа на Месечината, најпрво со тестирања на изворот на поларната вода. "Следниот чекор", вели овој научник, "е да се изведе експеримент во тие услови, при што би покажале дека може да се копа по замрзнатите површини. После сево ова, би имале појасна слика за тоа дали може да се вратиме на Месечината за да останеме".

Во меѓувреме, претседателот Барак Обама учествуваше на Конференцијата за наука и технологија – “Граници”, што во четвртокот се одржа на Универзитетот Карнеги Мелон во Питсбург, Пенсилванија. Освен Карнеги, ко-домаќини на настанот беа и Белата куќа и Универзитетот Питсбург.

Обама обелодени дека актуелната администрација ќе одвои околу 300 милиони долари за истражување и развој.

На настанот станало збор за пет граници или меѓи на иновација: здравствена грижа и прецизна медицина, технологија, вештачка интелигенција, климатски промени и вселенски истражувања, каде е вклучен планот на претседателот за испраќање на човечки екипаж на Марс до 2030-те години.

"Конференцијата во Питсбург", што инаку од неодамна важи за центар на технолошка иновација, особено роботика, "има за цел да поместува граници за она што е можно да се постигне, бидејќи нема нешто што не можеме да направиме, иновацијата е во нашата ДНК, а науката отсекогаш била централно место во нашиот напредок", подвлече американскиот претседател.

XS
SM
MD
LG