Линкови за пристапност

Mакедонскo вино во САД


Винари кои деновиве престојуваат во Вашингтон ветуваат дека изгледите се големи македонско вино да стигне на американските трпези.

Виното е еден од производите кои може достојно да ја претстави Македонија. Toа e општо мислење, оформено по многугодишна традиција на негово произведување. Но кај Македонците. Американците за македонско вино не знаат, зашто го нема на овој пазар. Сега се чини дека македонското вино е на пат да влезе на американските трпези.

На несекојдневен настан во Македонската амбасада во Вашингтон, реакциите по пробувањето на македонско вино беа позитивни. Епитетите најчесто беа: освежувачко, пивливо, со овошни ноти....

Ова се само некои од изјавите забележани на настанот:

„Импресиониран сум. Немав пробано македонско вино. Познати ми се само вината од Грција и други делови од Источна Европа“.

„Импресиониран сум од Шардонето. Има балансиран вкус и ми се допаѓа. Од црвените ќе го издвојам – Вранец.“

„Сите вина имаат различен вкус. Ги пробав сите бели вина, но би се определила за Розето.“

„Дојдов да пробам за да знам што значи во ресторан да се нарача македонско вино, а не само француско или чилеанско вино. Македонското е добро вино.“

Сите што пробаа велат - македонските вина се квалитетни. Но за жал, ги нема, ни во продавници, ниту во ресторани.

Македонија е 23-то место во светот по производство на винско грозје.

Првиот дипломат на Македонија во Вашингтон, Зоран Јолевски, е оптимист дека тоа време завршува:

„Ова е дел од промоцијата на македонската култура, традиција и она што го има земјата. Македонија е 23-то место во светот по производство на винско грозје. Меѓутоа, за жал, македонскиот бренд не е толку познат како чилеанскиот, аргентинскиот...

Целта е, вели тој, да се добие македонски бренд на вино на светската винска карта. Овој пазар е пребирлив, но токму тука е предизвикот, вели Јолевски.

Ѓорѓи Петрушев е директор на винарската асоцијација на Македонија. Тој вели дека оваа промоција е дел од државната стратегија:

„Учиме од искуствата од другите земји, што веќе се наметнале на овој пазар“.

Претставување на македонското вино за американска публика ќе има и во Чикаго и во Њујорк. Проектот е поддржан од Агенцијата за странски инвестиции и УСАИД.

Ова е прв пат во 20 години независност на Македонија, македонски винарски компании да настапат здружено на американскиот пазар.
XS
SM
MD
LG