Линкови за пристапност

Македонските власти требаше порано да испратат авион, вели Диме Гајдов - Македонец во Израел


Диме кој ги пакува куферите за дома, вели дека постои страв од ескалација, да не се вмеша некоја друга земја.
Диме кој ги пакува куферите за дома, вели дека постои страв од ескалација, да не се вмеша некоја друга земја.

Иако е воена состојба во некои делови од Израел состојбата е помирна, како што е во градот Ор Акива, каде живее и работи велешанецот Диме Гајдов. Тој за Гласот на Америка вели дека неколку дена не слушнале ниту една ракета.

„Моментално се наоѓам во градот Ор Акива, на 100 километри северно од Тел Авив. Овде ситуацијата е мирна и безбедна можам да кажам, бидејќи сепак се работи за воена состојба на цела територија на Израел. Нешто се почуствува дека не е како што беше претходните денови, но сепак е мирно. Од саботата до денес овде не слушнавме сирена и ниту еден истрел и се надевам дека и така ќе остане“, вели Диме Гајдов, Македонец во Израел.

Но, сепак се одлучил да се врати назад во Македонија.

„Ние се наоѓаме на малку побезбедно место. Расположението ние час горе, час доле и сепак се решивме да се вратиме назад. И единствен начин ни е да се вратиме со тој владин авион. Претходните денови имаше доста наши пријатели, кои се вратија назад во Македонија. Предност добија оние луѓе, кои беа во двата града на југот, а кои беа погодени баш од овие терористички напади. Околу 30-40 туристи кои беа заглавени“, рече Гајдов.

Диме смета дека македонските власти, порано требало да реагираат со испраќање на авион до Израел, за да ги преземе оние луѓе кои сакаат да го напуштат Израел.

„Јас би бил среќен со овој лет кога и да се случи. Можеби можеше тоа да биде побргу, бидејќи недела дена, како ќе биде од тој терористички напад. Можеше да биде и пред ден-два. Сепак се работи за тешка ситуација, се работи за Израел, знаеме каква земја е. Сега не е ни до македонската држава, до македонската амбасада. Претпоставувам сега Израел се прашува кој може да слета, кој може да полета. Но, да се надевам дека ќе се случи тој лет“, истакна тој.

Многу пријатели на Диме веќе биле регрутирани во израелската армија.

„Тука имам доста пријатели Израелци, но и Арапи. Менталитетот им е малку поразличен. Сите пријатели кои ги знам, се веќе регрутирани и се распоредени каде и да се распоредени, како ништо да не се случило и им е чест да се таму каде што се. Постои страв од ескалација, да не се вмеша некоја друга земја. Мислам дека во тоа е исчекување и на цел свет не само ние“, рече Гајдов.

Без проблем во овој дел на Израел, се функционира како што треба.

„Овде каде што сме ние и во Тел Авив се нормализира цела индустрија. Ние овде не сме застанати со работа, но бидејќи се подготвуваме за заминување дома, два дена не работиме. Полека се подготвуваме за назад. Се работи нормално. Видов дека наши сограѓани, Македонци се заглавени во Појасот Газа. Не знам за кој се работи. Овде во Израел има и доста Македонци кои планираат да останат во Израел, кои се чувствуваат безбедни и тоа е за поздравување. Има 90 Македонци кои ќе се вратат назад“, вели Диме Гајдов, Македонец од Израел.

XS
SM
MD
LG