Линкови за пристапност

Поразителни податоци за смртноста на новороденчињата во Македонија

  • Синиша Станковиќ

Според статистичките податоци од анализата на Платформата за родова еднаквост, земјата има највисоко ниво на смртност на новороденчиња во Европа

Статистките за смртноста на доенчињата – бебиња кои починале пред да ја навршат првата година од животот - во Македонија се поразителни, а голем дел од индикаторите кои укажуваат на достапноста до здравствените услуги за безбедно мајчинство во земјата, дополнително се влошени, споредено со 2010, се вели во анализата на Платформата за родова еднаквост и на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување.

Иако во 2010 година, Владата на Република Македонија ја усвои Стратегијата за безбедно мајчинство за 2010–2015 година, според анализата, непосредно пред завршувањето на периодот во кој се имплементира стратегијата, „индикаторите за здрава и безбедна бременост не само што не се намалени, туку и се влошуваат. Статистките за смртноста на доенчињата се поразителни, а голем дел од индикаторите кои укажуваат на достапноста до здравствените услуги за безбедно мајчинство во земјата, дополнително се влошени споредено со 2010, кога започна имплементацијата на Стратегијата“.

Како една од главните причини за креирање на Стратегијата 2010-2015, беше високото ниво на матерналната и особено перинаталната смртност (мртвородени деца и смртност на новородени деца до седмиот ден по породувањето) кои во 2007 година во Македонија, беа меѓу највисоките во Европа и двојно повисоки од европскиот просек.

Но, според објавените податоци на Државниот завод за статистика, стапката на смртност на новороденчиња во Македонија, непосредно по раѓањето, е 14,3 проценти што е на највисоко ниво во Европа и тројно повисоко од европскиот просек кој изнесува 5,2 проценти!

Педијатарот д-р Ангелчо Андоновски, за Гласот на Америка на македонски јазик, изјави дека причините за ескалација на загрижувачка ситуација „треба да се бараат во начинот на функционирањето на одделите кои ги згрижуваат трудниците и новородените бебиња. Самиот начин на поставување на соодветни услови и протокол, воопшто не се запазени. Недостатокот од потребните лекарства и начинот на спроведување на стерилизацијата се одговорност на Министерството за здравство и на раководните луѓе кои ги водат установите во кои се сместуваат родилките и бебињата“.

Градови кои со највисока стапка на смртност на новороденчиња во Македонија се Дојран, Берово, Гевгелија и Крушево. Во Стратегијата на Министерството за здравство, како една од неопходните цели беше поставено и обезбедување на “еднаков и ефикасен пристап до здравствените услуги, градење на капацитетите на обучениот кадар и посветување на посебно внимание на маргинализираните и ранливите групи“.

Но, Савка Тодоровска од Платформата за родова еднаквост, изјави во медиумите дека „буџетските средства се намалуваат од година в година, или се пренаменуваат за други цели. Во голем број општини недостасуваат матични гинеколози и гинеколошки установи, а токму во тие општини, стапката на смртност на доенчиња е најголема. Потребно е зголемување на буџетските средства за подобрување на услугите во гинеколошките здравствени установи, како и дополнително финансирање за малите општини. Потребни се стимулативни мерки за гинеколозите, со цел да се пополнат работните места во руралните места, како и да се отпочне со кофинансирање на породувањата во приватни здравствени установи“.

И д-р Андоновски смета дека „недостатокот на соодветен кадар и несоодветното следење на бременоста се само уште еден момент во целата слика за огромната смртност на бебињата. Помалите градови имаат недостаток на кадар и недостаток од соодветни установи“. Но, во изјавата за Гласот на Америка, тој потенцира и дека во здравството се неопходни „коренити промени, а не назначување на партиски кадри и штедење на сметка на бебињата. Неопходни се промени кои требаше одамна да се случат во севкупниот здравствен систем“.

Во анализата е презентиран преглед на влошувањето на состојбите во последните пет години, се разгледуваат причините за неуспешноста на имплементацијата на Стратегијата за безбедно мајчинство и се нудат мерки кои итно треба да се преземат за да се спречи порастот на стапките на смртност кај доенчињата и кај родилките.

Меѓу препораките за новата Стратегија за безбедно мајчинство, е таа да се базира врз релевантни истражувања, докази и квалитетни статистички податоци, и да содржи мерки и цели, согласно наодите, односно мониторингот и евалуацијата од терен.

Потенцирајќи дека Стратегијата е од клучна важност за понатамошно подобрено креирање на остварливи политики и стратегии, авторките на анализата, меѓу другото, препорачуваат: зголемени буџетски вложувања за подобрување на пристапот, условите и квалитетот на услугите во јавните гинеколошки здравствени установи; намалување или укинување на трошоците за жените во текот на бременоста, како дополнителни лабораториски тестови и испитувања за следење на бременоста на секундарно и терциерно ниво и подобрување на квалитетот и достапноста на статистичките податоци за смртноста на новороденчињата.

XS
SM
MD
LG