Линкови за пристапност

Обвинение за водачот на опозицијата

  • Синиша Станковиќ

На Заев му се заканува казна и до четири години затвор

Претседателот на СДСМ Зоран Заев е четвртообвинет во предметот „Пуч“ за кривичното дело „насилство кон претставници на највисоките државни органи“, во обид. Единствен од обвинетите за оваа афера којшто не е притворен, Заев бил обвинет вчера доцна навечер, во пресрет на Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, инаку државен празник во Македонија. Тој, сепак, не е обвинет за шпионажа, како што беше најавувано во провладините медиуми, а според Кривичниот законик, минимална казна за делото за коешто е обвинет е четири години затвор. Сепак, според обвинението, Заев се товари за делото во обид, а тоа значи дека сторителот евентуално ќе се казни во границите на зaконски пропишаната казна или поблаго.

„Јавното обвинителство во период од 30 дена, почнувајки од 24 април, требаше да донесе одлука – или да поднесе обвинителен акт или да ја отфрли кривичната пријава на МВР за случајот што го конструираше. Одлуката, Јавното обвинителство ја донесе за само 6 дена, од вкупно 30 дена што ги имаше на располагање за донесување одлука“, се вели во реакцијата на СДСМ. Според опозицијата, „одлуката, максимално брзо да се донесе обвинителен акт доаѓа директно од Никола Груевски и Сашо Мијалков, кои се фатени во рушење на уставниот поредок и злодела врз граѓаните на Република Македонија“, се вели во соопштението на СДСМ. Опозицијата тврди и дека донесувањето на одлука за поднесување на обвинителен акт, „само дополнително потврдува дека одлуката е донесена од Јован Илиевски, баџанак на Мијалков и од Марко Зврлевски, директен извршител на власта на Груевски... Тоа што сега го очекуваме е брзо да се донесе и пресуда против лидерот на опозицијата и другите лица кои се во притвор“, соопштија од СДСМ.

Според Обвинителство за организиран криминал, по спроведување на сеопфатна истражна постапка, разгледување и анализа на прибраните докази и факти за овој предмет, првообвинет во контроверзниот случај е поранешниот челник на македонското разузнавање, Зоран Верушевски, којшто е обвинет за шпионажа; за потикнување и продолжено кривично дело на неовластено прислушкување и тонско снимање и за помагање во кривичното дело насилство кон претставници на највисоките државни органи.

Второобвинет е Ѓорѓи Лазаревски, вработен во УБК за помагање во делото „шпионажа“ и за потикнување на дело „неовластено прислушкување и тонско снимање“. Третообвинета е сопругата на Верушевски, Соња Верушевска којашто се товари за помагање во „шпионажа“, а петообвинетиот Борис Палифров е обвинет за помагање при делото „насилство кон претставници на највисоките државни органи“.

Сите обвинети, освен поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Верушевски, се товарат за кривични дела кои ги сториле во обид или со помагање. Во случајот беше осомничен и еден вработен во МВР којшто се спогоди со Обвинителството и е осуден на тригодишна затворска казна.

Медиумите денес објавија дека утринава во Струмица, автомобил којшто наводно се движел со голема брзина, удрил во возилото на Заев. Тој не бил во возилото. Со автомобилот на Заев управувал неговиот возач, а сопатник била и сопругата на возачот, којашто е повередена. Според медиумските информации, во сообраќајната несреќа биле повредени вкупно шест лица од двете возила. Извршен е увид на лице место, а сите повредени се пренесени во медицинскиот центар во Струмица.

XS
SM
MD
LG