Линкови за пристапност

Американците прашуваат – Дали е правилно да се прославува смртта на Осама бин Ладен?


Американците прашуваат – Дали е правилно да се прославува смртта на Осама бин Ладен?

Американците прашуваат – Дали е правилно да се прославува смртта на Осама бин Ладен?

Поделени мислења меѓу обичните граѓани

Само што чул за акцијата во која беше убиен најбараниот човек од страна на САД, Џејмс Котецки им се придружил на групата граѓани кои среде ноќ пред Белата куќа ја прославуваа веста за убиството на бин Ладен.

Котецки е „блогер“ – или „видео блогер“. Тој веднаш преку својата веб-страница го објавил видео-материјалот на кој е видливо како прославува за настанот.

Повеќето од групата луѓе се на иста возраст како и Котецки. Тој бил на тинејџерска возраст кога се случија терористичките напади на 11-ти септември 2001-та.

Џејмс Котецки кажа дека не знае што ги мотивирало другите да слават. „Но“, вели тој, „сметам дека не беше прослава за смртта на одредена личност сама по себе, туку заради своевидно достигнување на националната безбедност – елиминацијата на терористот број еден.“

„Ова не значи и дека притоа не се навратив на трагедиите на животите што ги загубивме и на 11-ти септември и за време на борбата против тероризмот воопшто“, додава тој.

Прославата на акцијата за убиство на Осама бин Ладен резултираше и со дебата во САД за тоа дали е соодветно да се слави смртта на некој кој го осмислил најсмртоносниот терористички напад во земјата.

Дебатата беше особено интензивна преку Интернет –страниците на социјалните медиуми. Едни од нив се Фејсбук и salon.com.

„Секако дека чувствувам олеснување што Осама бин Ладен повеќе не претставува закана за САД, закана за светот“, вели Дејвид Сирота, радио-водител од Денвер, во коментар на salon.com.

Тој сепак подвлече дека славење за нечија смрт е вид на однесување кое Американците им го препишуваат на терористите и другите кои ги презираат.

„Ние го правиме истото. Не славиме крај на војна, туку одмазда, крвопролевање“, вели Сирота.

Тој додава дека смртта на бин Ладен не може да се спореди со смртта на Хитлер и крајот на Втората светска војна, бидејќи борбата против тероризмот продолжува.

Други пак тврдат дека смртта на водачот на Ал Каида обезбедила катарза за една трауматизирана нација.

Свештеникот Пол Раушенбуш е виш уредник за религиозни прашања за интернет изданието на Хафингтон пост.

„Осама бин Ладен беше речиси како сениште околу нашата психа и на некој начин ова е како да завршил некој филм каде сеништето е уништено и сега може слободно да живееме“, вели Раушенбуш.

Американскиот претседател Барак Обама предупреди дека борбата против тероризмот продолжува. Но, за многумина Американци акцијата во која беше убиен бин Ладен претставува своевидно олеснување од траумата што започна на 11-ти септември 2001-ва и од различните информации од другите воени акции оттогаш, наваму.

XS
SM
MD
LG