Линкови за пристапност

Јолевски: Македонија е отворена за нови мировнички мисии под знамето на ОН


Македонскиот министер за одбрана на средби со претставници на Пентагон за досегашната армиска соработка меѓу двете земји

„Она што е значајно е заедно со САД и со ОН да ги разгледуваме можностите за испраќање на мировници под покровителство на ОН во мисии каде има потреба. Претседателот Обама и генералниот секретар на Он Бан Ки Мун разговараа токму за ова прашање во понеделникот“, изјави првиот човек на македонската одбрана.

За Македонија е важно САД да останат силен сојузник на патот на Македонија кон целосно интегрирање во НАТО преку учество во заеднички вежби и давање обуки за македонските војници, додаде министерот Јолевски.

„САД се едни од најзначајните и највлијателните членки во НАТО. Битно е оваа соработка да продолжи. Како што знаете во 2008-ма, ја потпишавме Декларацијата за стратешко партнерство и пријателство со САД. Дел се однесува на соработката во делот на одбраната. И, тоа САД го потврдуваат“, изјави Јолевски.

На нашето прашање дали Македонија би прифатила влегување во НАТО под референцата ФИРОМ, како што сугерираат некои аналитичари, Јолевски не сакаше да коментира:

„Македонија и Грција во 1995-та во ОН ја потпишаа времената спогодба со која се предвидува дека Грција не смее да ја блокира Македонија во влезот на меѓународните организации под референцата. Во таа насока беше и одлуката на Меѓународниот суд на правдата“, вели првиот човек на македонската одбрана.

Од Пентагон му било укажано дека единствена пречка за добивање покана за членство е проблемот со името, рече Јолевски, по што му било сугерирано двете земји да ги интензивираат разговорите за взаемно прифатливо решение.

Јолевски денеска ја продолжува посетата со средба со командантот на Националната гарда на САД во американската сојузна држава Вермонт. Досега низ обука во Вермонт минале околу 4.000 припадници на армијата на Македонија. На денешните средби на агендата, како што рече Јолевски, ќе биде прецизирање на деталите за продолжување на овој вид обука.

XS
SM
MD
LG