Линкови за пристапност

Кој навистина владее со светот?


Кој навистина владее со светот?

Кој навистина владее со светот?

Книгата фотографии „Портретите на моќта“ - какви личности стојат зад лицата на државниците во јавноста?

Државниците по природа на нештата се во фокусот на јавноста. Ги гледаме на телевизија, на фотографии во весници и магазини. Но, какви личности стојат зад нивните лица во јавноста?

Фотографот Платон Антониу сметал дека Генералното собрание на ОН во септември 2009-та било извонредна можност да најде одговор на прашањето. Поставил импровизирано студио во зградата на Генералното собрание. Целта на проектот, од која подоцна и произлезе книга со фотографии на преку 100 шефови на држави и влади, била да ги прикаже политичарите одблизу; од личен агол. Се присетува како течело снимањето:

„Ник Клег, заменик-британски премиер од новата коалициона влада во Лондон се наоѓа во книгата. Му реков: Сакам да помислите на нешто кое нема никаква врска со бизнис или политика, на нешто длабоко, исконско, човечки. Од тоа произлезе прекрасен израз на неговото лице. На крајот од фото-сесијата, ми призна - знаете на што помислив? Замислив како ја скокоткам ногата на моето бебе“, раскажува Платон, кој за професионални потреби го користи само своето име, а не и презиме.

Фото-сесииите не оделе секогаш мазно.

„Роберт Мугабе од Зимбабве беше многу студент. Не зборуваше многу. Беше прекрасно облечен во костум. Движењата му беа со сомничавост. Имаше чудна кожа, како да му беше намачкана со лосион, а всушност беше сува. Имаше задлабочен поглед. Кога стана и си замина, по него дојде друг шеф на држава и одби да седне на истото столче. Го прашав – што не е во ред? Тој ми возврати – „не сакам да седнам на ова столче, има крв на него“, раскажува фотографот.

Овековечувањето на либискиот водач Моамар Гадафи било како на филм, исто така незаборавно чувство:

„Голема толпа луѓе чекореше кон мене, а во средината бавно се движеше Гадафи. Облечен во неговата препознатлива наметка и шапка на црната кадрава кофа. Опкружен со жени-телохранители, од глава до петици во темно-зелена армиска облека. Беше како сцена од Џемс Бонд“, се присеќава Платон.

Меѓу портретираните се и Махмуд Ахмединеџад од Иран и Хуго Чавез од Венецуела.

„Само осум секунди со Чавез. Тоа беше најкусата фото-сесија во мојот живот. И покрај кусото време, тој ми „даде“ толку многу од својот персоналитет и дух. Верувам дека ја снимив неговата моќ како човечко суштество, не само политичката моќ“, вели Платон.

Во книгата на Платон, „Портретите на моќта“, меѓу повеќето од 100 шефови на држави кои Платон ги фотографирал, само четири се жени:

„Жените навидум се чувствуваа покомотно на фото-сесиите, веројатно, можеби затоа што битката за нив до врвот е пожестока и имаат подобро чувство на скромност и достоинство“, анализира авторот.

Платон ја смета својата книга како алманах за оние кои во моментов го движат светот, а ја нуди на читателите – сами да извечат оценка од фотографиите на државниците.

XS
SM
MD
LG