Линкови за пристапност

Во Македонија одбележан Светскиот ден за борба против корупцијата


15 невладини организации основаа Антикорупциска платформа

Светскиот ден за борба против корупцијата денеска беше одбележан и во Македонија.

Според истражувањето на невладината организација Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), корупцијата за граѓаните на Македонија е проблем на 5-то место. Корупцијата доаѓа по невработеноста, сиромаштијата, ниските примања и високите цени, стои во Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија, подготвен од МЦМС во рамки на проектот подржан од УСАИД за борба против корупцијата.

Според симулацијата направена во рамките на овој проект, годишната „цена“ за поткуп од страна на бизнис-заедницата изнесува 64 милиони евра, што е 0,85% од годишниот БДП на Македонија, според податоците за 2012 година. Компаниите најчесто даваат поткуп за време на инспекции и при добивање градежни дозволи, се вели во истражувањето на невладината МЦМС.

Во контекст на ваквите сознанија, денеска 15 невладини организации, релевантни во оваа област, основаа Антикорупциска платформа.

„Досегашното искуство, со делување поединечно на планот на борбата против корупцијата, не ги даде очекуваните резулати. Со оваа нова форма на делување, очекуваме притисокот врз ова зло значително да се зголеми“, рече Слаѓана Тасева од Транспаретност.

„Платформата, преку заеднички реакции, ќе тежнее да биде коректив на состојбите, а ќе соработува и комуницира со сите засегнати страни, вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис-заедницата и меѓународната заедница. Ќе ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, ќе иницира јавна дебата за квалитетот на законите и ќе иницира законски измени каде што е потребно“, се вели во образложението на оваа иницијатива.

Меѓународниот ден за борба против корупцијата беше одбележан и од страна на Заедницата на локалната самоуправа - градоначалниците потпишаа повелба за соработка во антикорупциски политики.

На настанот присуствуваше и претседателот на Антикорупциската комисија, Ѓорѓи Сламков.

„Во изминатите неколку години Македонија бележи подобрување во ранг положбата во листата за корупција. Од 97 место, нашата држава во борбата против корупцијата се искачи на 94. Ова значи дека Македонија е во најдобра положба од сите држави во регионот“, рече Сламков.

Во изминатите единаесет месеци, Антикорупциската комисија има поднесено седум иницијативи за кривично гонење и 40 јавни опомени на носители на јавни функции.

Според Индексот за перцепција на корупцијата што го презентираше Трасперентост Интернешенал на почетокот на месецов, Македонија се наоѓа на 64-то место од 175 земји во светот.

Од земјите на поранешна Југославија, најмалку корупција е во Словенија, која се најде на 39-тото место, по што следи Хрватска на 61-во, Црна Гора на 76-тото, Србија на 78-то и Босна и Херцеговина на 80-то место.

XS
SM
MD
LG