Линкови за пристапност

Вермонт – добра економија, природни убавини


Малку помала од Македонија, американската сојузна држава привлекува туристи цела година.

Вермонт, со 620.000 жители е втората најненаселена држава во САД. Во околината на градот Бурлингтон, ве` оставаат без здив - планински убавини, чистиот воздух, езерото Шамплејн... Колку за споредба, Македонија според територијата е малку поголема од Вермонт.

Меѓу жителите на градот владее космополитски дух. Местото привлекува туристи цела година. Доаѓаат и од Канада, бидејќи е близу до границата.

„Како и сите од Квебек, доаѓам на шопинг и во интересни ресторани“.

„Прв пат сум во Бурлингтон. Ми се допаѓа главната улица, нема многу сообраќај, гостопримиството е на високо ниво“.

„Малку е поскапо од каде што доаѓам – веројатно поради тоа што Бурлингтон е туристичко место каде доаѓаат многу скијачи, а тие трошат пари“ , велат туристите што ги анкетиравме.

Бурлингтон е место на бројни културни настани, невообичаени места за вечерање, рекреативни активности во неколкуте скијачки центри. Годишно го посетуваат по три милиони туристи, и како што напиша неодамна Њујорк тајмс, неговиот шарм нуди „вистинска сличност со Париз“.

Куса прошетка по улицата Ч`рч ќе ве одведе до Музејот на уметноста и неколкуте галерии. Се изнајмува буквално се` – од велосипеди, ролшуи, па се до кајаци и едрилици.

Оваа сојузна држава има 223 планини. 75% од територијата се шуми.

Симболи на Вермонт се јаворот, коњот, клукајдрвецот и пеперутката. Невработеноста е само 4,9%, во споредба со 8,3 на национално ниво. Важи за една од неколкуте сојузни држави што имаат континуиран растеж, и покрај забавената екомонија и рецесијата што ги погоди САД.

XS
SM
MD
LG