Линкови за пристапност

Економската прогноза за Македонија е реална


Интервју за Гласот на Америка на македонски со Ваљон Сарачини, министер за економија

Глас на Америка: Проекциите се дека македонската економија ќе порасне за 1,8 отсто. Дали е тоа реално?

Проекцијата е направена врз основа на економските движења, најпрвин глобално, во светската економија, потоа во еврозоната, и, на крај, согласно економските движења и трговската соработка со земјите со кои имаме најголема трговска размена
Валон Сарачини

Ваљон Сарачини: Има повеќе проекции. Проекцијата на Светската банка предвидува дека Македонија ќе има раст од еден отсто, Европската банка за обнова и развој - 1,8%, а владата 2%, додека Народната банка - 2,2%. Како и да е`, ние разговараме за позитивен раст следната година. Не разговараме за нула или половина процент, туку сите проценки над 1%. Проекцијата е направена врз основа на економските движења, најпрвин глобално, во светската економија, потоа во еврозоната, и, на крај, согласно економските движења и трговската соработка со земјите со кои имаме најголема трговска размена, како Германија, Италија, Велика Британија, сметаме дека со реализацијата на капиталните инвестиции кои се дел од буџетот за 2013-та, проектите во патната инфраструктура, железницата и енергетската инфраструктура, ќе продонесат за раст на економијата за следната година и мислам дека ќе успееме да го стигнеме нивото за раст од 2%.

Глас на Америка: Меѓутоа, невработеноста и натаму е над 30%?

Ваљон Сарачини: Тоа е проблем што ние го наследивме уште многу порано. Оваа влада успеа од 38% да ја намали невработеноста на 31%, и тоа во услови на криза. Владата постепено работи во делот на привлекување странски инвестиции, во делот на отворање на нови работни места, направени се посебни програми за поттикнување на младите за вработување, така што мислам дека во наредниот период активно ќе работиме со сите министри за намалување на стапката на невработеност. Мора да признаете дека во регионот и во Европа, во услови кога стапката на невработеност расте, таа во Македонија се намалува.

Глас на Америка: Но, се` уште нема опипливи резултати од странските инвестиции. Зошто?

Во 2013-та сите сме оптимисти дека ќе имаме повеќе инвестиции, работиме на развојот на техничко-технолошките зони.
Ваљон Сарачини

Ваљон Сарачини: Во 2012-та, за првите 11 месеци, имавме околу 45 милиони евра инвестици, што е премалку. Ова го знаевме, затоа што ги следиме движењата во светската економија и компаниите не се подготвени да инвестираат во овие услови. Но, друг момент е тоа дека компаниите кои веќе инвестирале во Македонија и што инвестираат, лани и годинава, направија одлив на капиталот. Значи, само две компании има одлив од 200 милиони евра, пренесени надвор од Република Македонија. Доколку би останале тие пари во земјата, за 2012-та би имале инвестиции од 250 милиони евра. Во 2013-та сите сме оптимисти дека ќе имаме повеќе инвестиции, работиме на развојот на техничко-технолошките зони. Конечно, во Скопје активно работат повеќе од пет компании, се развива зоната во Штип, во Тетово добивме нов концесионер, затоа очекуваме 2013-та да биде година на инвестиции.

Глас на Америка: Како може македонската дијаспора - говорам и за етничките Албанци, и за етничките Македонци во САД - да и` помогне на татковината?

Ваљон Сарачини: Тоа е една нова иницијатива преземена од страна на „Македонија 2025“ на чело со Мајк Зафировски. Минатата година во Охрид имавме еден самит на кој беа претставени можностите за инвестирање во Македонија. Целта на мојата посета во САД е да се разговара и со македонската, но и со албанската дијаспора, за да можат заедно да ги здружат силите и да инвестираат во нашата земја со една цел - Република Македонија да биде подобро место за живеење за сите граѓани. Имавме конструктивни разговори во Њујорк, има позитивни сигнали од нашите иселеници дека ќе инвестираат, а во јули повторно би го одржале самитот со дијаспората на кој конкретно ќе се знае во каков проект конечно ќе инвестираат нашите иселеници.
XS
SM
MD
LG