Линкови за пристапност

САД истражуваат „кредибилна и специфична“ терористичка закана


САД истражуваат „кредибилна и специфична“ терористичка закана
САД истражуваат „кредибилна и специфична“ терористичка закана

Зголемени предострожни мерки на транспортниот систем во потрага по тројца осомничени

Американски официјални лица предупредија од веродостојна и конкретена, но засега непотврдена закана за терористички напад, која се совпаѓа со 10-тата годишнина од терористичките напади.

Официјални лица не дадоа детали за заканата, но веруваат дека се вклучени три лица со план да детонираат бомба во возило во Вашингтон или во Њујорк. Градоначалникот Мајкл Блумберг на новинарите им кажа дека метрополата го зголемува степенот на безбедност.

„Заканата во моментов не е потврдена. Сакам да го подвлечам тоа. Веродостојна е, но не потврдена. Но, ние живееме во свет во кој мора да ги земеме заканите сериозно и тоа го правиме“, рече Блумберг.

Њујоршкиот полициски комесар Рејмонд Кели рече дека во градските мерки на предострожност ќе бидат вклучени, меѓу другото и проверка на возила, инспекции на торби во јавниот превоз и инволвирање поголем број полициски кучиња во патролирањето.

„Ќе има зголемен фокус врз тунелите и мостовите и воопшто врз целата инфраструктура, како и врз владини згради“, додаде Кели.

Тајмингот е особено значаен за Њујорк, каде ал-Каида урна два од авионите во 2001-ва.

Џенис Федарсик е помошник-директор во њујоршката канцеларија на ФБИ. Таа вели дека не може да каже дали новите закани се поврзани со ал-Каида, но подвлече дека неодамна имале информации за заговор од оваа терористичка мрежа:

„Според разузнавачките информации кои ги добивме од акцијата за елиминирање на Осама бин Ладен, ал-Каида има покажано интерес за напади на важни датуми и годишнини како 11-ти септември“.

Доказите кои беа најдени од седиштето на Осама бин Ладен откако беше убиен во мај наведуваат дека ги охрабрил оперативците на ал-Каида да ги нападнат САД на или околу 11-ти септември.

Белата куќа јави дека претседателот Барак Обама им укажал на агенциите за контратероризам двојно да ги зголемат напорите за пресретнување на евентуални планирани напади.

Властите ја повикаа јавноста да биде претпазлива. Но, претседавачот со комитетот за домашна безбедност при Претставничкиот дом Питер Кинг од Њујорк ги повика Американците на смиреност:

„Нема простор за паника, луѓето не треба да живеат во страв. Но, работите сериозно се земаат в предвид, особено ако се поврзани со 11-ти септември“ истакна Кинг.

Американски официјални лица велат дека ал-Каида има проблеми со финансирањето и претрпе удар со загубата на клучни лидери. Но, тие велат дека групата и натаму е отпорна и продолжува да прави заговори против САД.

XS
SM
MD
LG