Линкови за пристапност

Отцепување за подобар живот?


Kонзервативни групи од рурални делови на сојузните држави во САД, на кои им е преку глава од малцинскиот статус, сакаат сами да одлучуваат за себе

Иницијативата од западниот дел на Мериленд е најнова во редицата обиди на групации во Колорадо, Мичиген и Калифорнија да се отцепат своите сојузни држави и да формираат нови, или пак да се приклучат на соседните, кои повеќе ги рефлектираат нивните политички погледи.

Скот Стирелвик, еден од водачите на сецесионистичка група од Мериленд, објаснува дека конзервативците од руралните западни области на сојузната држава се противат на новите даноци, законските регулативи за животната средина и за контрола на оружјето, што ги вовело либералното мнозинство жители во источните градови кои го контролираат политичкиот процес.

„Конечно, чувствуваме дека луѓето не се соодветно застапени и дека може да имаме влада која подобро ќе не` застапува ако се отцепиме и формираме своја сојузна држава“, вели Стирелвик.

Сецесионистичка група во северниот дел на Колорадо има иста листа на поплаки и тврди дека постои практично иста поделеност меѓу руралниот и урбаниот дел на државата. Конзервативниот активист и земјоделец Боб Бопреј, вели дека во денешната политика навидум нема место за компромис, така што отцепувањето е единствениот начин да се осигура дека малцинството има политички глас.

Вие управувајте со вашата, а ние со нашата сојузна држава
Боб Бопреј
„Ваквите идеолошки битки не водат во позитивна насока и добро владеење. Можеби е подобро секој да појде на своја страна. На пример, вие управувајте со вашата, а ние со нашата сојузна држава“, коментира Бопреј.

Американскиот устав дозволува формирање на нови сојузни држави, но само со претходно одобрение од сојузната држава и од Конгресот. Во минатото имало такви случаи, но се ретки. За време на Граѓанската војна, Западна Вирџинија се отцепи од Вирџинија.

Од 1959-та, кога Хаваите и Аљаска станаа 49-та и 50-та сојузна држава, САД немаат додадено нова. Но, токму затоа Стирелвик смета дека можеби е време радикално да се исцрта новата мапа и да се оформат стотина помали сојузни држави.

“На тој начин ќе имаме избор. Граѓаните со различни политички убедување ќе можат да живеат во хармонија без да се надмудруваат, без да има негативни чувства меѓу браќа и соседи.
Јас само сакам владата да ме остави на мира и да го живеам мојот живот
Скот Скиверлик

Многумина стручњаци велат дека се мали шансите Конгресот да одобри формирање на нови држави, особено доколку тоа ќе значи промена на актуелната рамнотежа на моќта. Мајкл Тринклајн е автор на книгата „Загубени држави“. Тој вели дека сецесионистите од конзервативните држави треба да се навратат на историјата и да стапат во партнерски однос со движењата од либералните територии како Порторико. Вака Аљаска, која се сметаше за либерално упориште во 1950-тите, истовремено со конзервативниот Хаваи побра државност, без притоа да ја наруши националната политичка рамнотежа.

„Ниту Аљаска ниту Хаваите, немаше да добијат државност ако не го побараа тоа заеднички. За се` во американската политика ви е потребен – партнер“, наведува Тринклајн.

Сепак, тој вели дека повеќето сецесионистички обиди во историјата доживеале неуспех. Вели, разбира дека тоа е тешко остварливо - некои дури велат и невозможно да се постигне - но се работи за единствена опција за фрустрираните и изолирани рурални конзервативци меѓу кои спаѓа и самиот.
XS
SM
MD
LG