Линкови за пристапност

Големата порота ќе одлучи дали да го обвини Дарен Вилсон


Обвинителите во Мисури денес ќе ги претстават доказите во случајот во којшто полицаецот смртно го застрела тинејџерот Мајкл Браун

Десетици лица денес мирно протестираа пред судската зграда во Клејтон, сојузната држава Мисури, каде обвинителите треба да започнат со претставувањето на доказите во случајот во којшто полицаец - белец смртно застрела тинејџер - Афроамериканец.

Големата порота ќе ги прегледа доказите и ќе одлучи дали да го обвини Дарен Вилсон за смртта на 18-годишниот Мајкл Браун на 9-ти август.

Полицијата го стави Вилсон на принуден, платен одмор. Семејството на Браун бара тој да биде уапсен.

Случајот предизвика наводи за систематска расна дискриминација во градот Фергусон, во непосредна близина на Сент Луис, каде Браун беше застрелан.

Секојдневните протести во Фергусон напати прераснаа во насилни. Полицијата досега уапси над 100 демонстранти.

Американскиот главен правобранител Ерик Холдер денес во Фергусон ќе се сретне со водачи на локалната заедница, истражители на Федералното истражно биро (ФБИ) и активисти за граѓански права.

Во текст објавен во денешното издание на весникот Сент Луис пост диспеч, Холдер повика да се изгради довербата меѓу јавноста и полицијата додека траат истрагите на федерално и локално ниво.

„Нашата истрага во случајот ќе биде целосна, праведна и независна“, истакнува Холдер. “Покрај истрагата, ќе соработуваме со полицијата, водачите за граѓански права и членовите на јавноста за да обезбедиме дека оваа трагедија ќе може да резултира во ново разбирање - и енергична акција - наменета за премостување на јазовите меѓу претставниците на агенциите што го одржуваат редот и законот и заедниците на кои им служиме“, пишува главниот правобранител.

XS
SM
MD
LG