Линкови за пристапност

Медиумски извештај: САД тајно собирале податоци од Верајзон


Наводно, со судски налог побарани податоци за телефонски разговори на милиони муштерии

Американската Национална агенција за безбедност наводно собирала телефонски податоци за милиони муштерии од една од најголемите телефонски компании во земјата, согласно таен судски налог издаден во април годинава.

Налогот, за кој прв јави британскиот весник Гардијан, навидум бара од филијала на компанијата Верајзон да ги предава на дневна база податоците за сите телефонски разговори, и оние направени внатре во САД, и оние меѓу САД и други земји. Весниците Вашингтон пост и Њујорк тајмс исто така пишуваат за случајот, наведувајќи дека налогот не ја обврзува Верајзон да дава информации за содржината на разговорите.

Претставици на Федералното истражно биро (ФБИ) и Белата куќа одбија да коментираат, исто како и претставници на Верајзон.

Според медиумските извештаи, судскиот налог потпаѓа под одделот број 215 на контроверзниот закон за домашно набљудување, познат под името Патриотски акт. Овој оддел им олеснува на американските разузнавачки агенции да добијат - „деловни податоци“.

Патриотскиот акт стана закон кусо време по терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва, јакнејќи ја моќта на агенциите за спроведување на законот во следењето на осомничените за тероризам.

Некои закондавци и организации за граѓански права ги критикуваат широките овластувања дадени со овој закон.

Во 2011-та, претседателот Барак Обама потпиша четиригодишно продолжување на клучните одредби на законот, меѓу кои и оние што им овозможуваат на властите да вршат електронско прислушкување, со судски налог одобрени пребарувања на деловни податоци и следење на странски лица кои можеби самостојно планираат напади.

Владата на Обама неодамна се најде на удар на критики откако беше откриено дека Одделот за правда тајно дошол до податоци за телефонските разговори во новинската агенција Асошиетед прес во врска со случајот на протекување на доверливи информации.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG