Линкови за пристапност

САД и Македонија ја продлабочуваат армиската соработка


САД и Македонија ја продлабочуваат армиската соработка
САД и Македонија ја продлабочуваат армиската соработка

Командантот на копнените сили на САД за Европа во дводневна посета на Македонија

Македонските војници ќе се обучуваат заедно со американските – ова било денеска договорено на средбите на командантот на копнените сили на САД во Европа, генерал-полковникот Марк Хертлинг со министерот за одбрана Фатмир Бесими и началникот на Генералштабот на Армијата на Македонија, генерал-мајорот Горанчо Котески.

„Денеска разговаравме за неколку прашања - за заедничките вежби и за обуката на нашите припадници во командата на американските сили во Европа, а другата тема која ја отворивме е користењето на заедничките искуства од мировните мисии, како и заедничкото упатување во мировни мисии“, изјави генералот Котески по средбата.

Генералот Хертлинг, пак, посочи дека од заедничкото служење на силите на САД и Македонија во Ирак, како и од средбите со македонските војници при посетата на Авганистан, увидел дека тие извонредно ја вршат својата работа, носејќи мир онаму каде што е потребно.

Котески по средбата со Хертлинг изрази благодарност за поддршката од Командата на копнените сили на САД во Европа за АРМ, но и за Република Македонија во целина.

На средбата станало збор реформските процеси во АРМ, за новата структура на Армијата и за идната соработка меѓу Командата на копнените сили на САД во Европа и АРМ, во насока на нејзино одржување и во иднина.

За идната соработка станало збор и на средбата со министерот за одбрана Фатмир Бесими.

„На средбата беше потврдена одличната меѓусебна соработка, со акцент на можноста за нејзино интензивирање и продлабочување, во контекст на заедничките обуки и вежби, а воедно стана збор и за имплементацијата и придобивките од новиот концепт на НАТО, `паметна одбрана`. Во оваа пригода, генералот Хертлинг ја повтори поддршката кон АРМ и го поздрави активното учество на АРМ во мисијата во Авганистан“, соопшти Кабинетот на министерот.

За време на дводневната посета, генералот Хертлинг ќе ги посети ВИНГ-от на АРМ и полигонот „Криволак“, каде припадниците на Полкот за специјални операции ќе изведат показна вежба.

XS
SM
MD
LG