Линкови за пристапност

Достоинствено живеење, со почит и без предрасуди

  • Соња Трајковска

Реакции во Македонија по повод Меѓународниот ден на човековите права

Овој ден е можност да се упати порака дека секој граѓанин без разлика на која социјална категорија и припаѓа, каква и да му е бојата на кожата, во која религија верува, заслужува достинствено да живее, да биде почитуван од другите без никакви предрасуди.

Ова е дел од пораката што понеделникот, по повод Меѓународниот ден на човековите права ја упати Народниот правобранител Иџет Мемети.

„Овој ден е добра пригода ние бранителите на човековите права да ги потсетиме сите чинители на општеството дека човековите права и слободи се составен дел на моралната свест на луѓето со што јасно е дефинирано како треба луѓето да се однесуваат едни кон други и дека истото го очекуваат од државата“, се наведува во писменото соопштение.

Потсетувајќи дека годинава овој Ден се одбележува кога е и 20-годишнината од востановувањето на Високиот комесар за човекови права, омбудсманот Мемети потсети на жртвите на конфликти, сиромаштија, елементарна непогода кои не можат да ги остварат своите права, на илјадниците деца од Африка кои не ја уживаат минималната здравствена заштита, бегалците од Сирија кои живеат надвор од своите домови и сите оние кои имаат слични судбини.

„На сите овие лица Меѓународната заедница треба час поскоро да им помогне затоа што има едно правило кога станува збор за човековите права, а тоа е правилото дека човековите слободи и права мора да се почитуваат во сите времиња и во сите услови“ истакнува Мемети, притоа потсетувајќи на Универзалната декларација за човекови права, која вели: „Сите луѓе, се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права”.

За Меѓународниот ден на човековите права се огласи и Министерството за надворешниработи на Република Македонија:

„Како земја членка на Обединетите нации и членка на Советот за човекови права, Република Македонија ќе продолжи активно да работи на подобрување на состојбите со човекови права и слободи, како на национално, така и на меѓународно ниво“, се вели во соопптението од Министерството.

По повод Меѓународниот ден, Обединетата македонска дијаспора повика да се обрне внимание на кршењето на правата на Македонците.

„Денес предизвиците пред Македонија се тоа што се уште се нарекува поранешна југословенска Република Македонија во Обединетите нации, НАТО и во Европската Унија како и други меѓународни организации. Македонските лидери се соочени со внатрешни и надворешни притисоци да не се повлекуваат од преговорите во Обединетите нации. И, по 65 години од донесувањето на Универзалната декларација, Македонците во Бугарија и во Грција се лишени од основните човечки права на само-определување, собир, говор, верски и медиумски слободи, а и Македонците во Албанија, Косово и Србија не се во подобра положба“, порача Стојан Николов, претседавач на одборот на Обединетата македонска дијаспора.

Во последниот извештај на Стејт Департментот за состојбата со човековите права за 2012 година, објавен во април годинава, на македонската Влада и` се забележува дека се меша во судството, дека неефикасноста и корупцијата го забавиле процесот на делење на правдата, се укажува на напнатоста меѓу заедниците на етничките Македонци и Албанци, исто како и општествената дискриминација кон Ромите. Дополнителна загриженост во однос на човековите права кај официјален Вашингтон предизвикува и малтретирањето на притвореници и затвореници од страна на полицајците и затворските чувари, лошите услови и преполнетоста на затворите и менталните институции, семејното насилство врз жените и децата, детската проституција, дискриминација против жените и лицата со посебни потреби како и малтретирањето на пациенти во психијатриските болници. Стејт департментот наведува и дека во Македонија постои општествена предрасуда кон припадниците на ЛГБТ заедницата.
XS
SM
MD
LG