Линкови за пристапност

Десет години ОМД


На гала-настанот во Вашингтон, присуствуваа претставници од Обединетата македонска дијаспора од сите делови на САД

Од настанот во Вашингтон, од Обединетата македонска дијаспора најавија дека продолжува поддршката за евроатланските интеграции на Македонија во НАТО и во ЕУ. Порачаа дека 10-годишниот јубилеј им дава дополнителен поттик за промовирање на македонската кауза и лобирање во Конгресот за прашања коишто се од голема важност за денешна Македонија.

Јубилејот – 10 години од формирањето, започна со интонирање на националните химни на САД и Македонија. Тон на вечерта даде и македонскиот фолклор со ора и песни од татковината.

Мето Колоски, претседател на ОМД, на јубилејот се осврна на сржта на мисијата на оваа организација на иселениците:

„Мисијата е да ги обединува низ цел свет и да ги претставува интересите и потребите на Македонците во главниот град на САД. Клучно да има активен глас на Македонците во Вашингтон“, изјави Колоски.

За настанот, специјално од Скопје, допатува и Павле Саздов, пратеникот од Северна Америка во Собранието на Македонија. За соработката со ОМД вели: „Имаме одлична соработка со ОМД, но и со другите иселенички организации. Интересот на Македонија за дијаспората и интересот на дијаспората за Македонија, има голем удел во функционирањето на татковината“.

Џејсон Мико, почесен конзул на Македонија во Аризона за Гласот на Америка вака го квалификува присуството на ОМД во Вашингтон:

„Витално е. За секоја етничка заедница да има свој глас во Вашингтон. ОМД тоа и го прави, со бројни проекти и` и помага на државата“, додаде Мико.

И странците со пофални зборови за Македонија. Еден од нив е Французинот Бруно Мусколино, чија сопруга е Македонка.

„Во Македонија му се допаѓа тоа што луѓето се гостопримливи кога прв пат ја посетив минатиот август. Храната е прекрасна, пробав пастрмајлија во Штип. Ми се допадна Охрид и неговиот шарм. Земјата има голем потенцијал за туристички развој“, вели Мусколино.

ОМД во оваа пригода додели и признание за јавна служба во промовирање на македонските интереси. Годинава, награден е Лу Влашо, почесен конзул во Неплс, Флорида.

XS
SM
MD
LG