Линкови за пристапност

Нови американски санкции против Русија


Обама вели дека целта е Русија да премине од зборови на дела во дипломатското решавање на кризата во Украина

САД ќе објават нови санкции против Русија поради натамошната вмешаност во соседна Украина.

Претседателот Барак Обама денес кажа дека санкциите против поединци и компании ќе надоградат на оние што веќе се во сила, а што се насочени против дел од банкарските активности и лица од корпорациите блиски на рускиот претседател Владимир Путин.

„Целта не е да се појде лично против господинот Путин. Целта е да се промени неговата калкулација, така што сегашните постапки на кои се решил во Украина би можеле да имаат неповолен ефект врз руската економија на долгорочен план, и тоа да го поттикне да премине од зборови на дела во дипломатското решавање на кризата во Украина“, рече Обама.

Тој кажа дека Украина останала на меѓународната спогодба постигната во Женева порано месецов што зацрта конкретни чекори за решавање на кризата. На прес-конференцијата на Филипините, во рамки на азиската турнеја, американскиот претседател рече дека Русија, од друга страна, не презела соодветни мерки.

„Постои пат за решавање на ситуацијата, но Русија се уште` не избрала да тргне напред. Овие санкции ја претставуваат наредната фаза во одмерениот напор да се промени руското однесување“, изјави Обама.

Првиот човек најави и дека САД би можеле да преземат дополнителни чекори доколку Русија и натаму покаже агресивност кон Украина, како пошироки санкции против банкарскиот и одбранбен сектор.
XS
SM
MD
LG