Линкови за пристапност

Трамп и формална номинација на Републиканците


Фокусот на вчерашниот ден од конвенцијата во Кливленд со жестоки критики кон Хилари Клинтон

Со оглед дека Доналд Трамп и формално беше избран за номинација за претседател од редовите на републиканците на конвенцијата во Кливленд, денес како говорници се најавени некои проминентни имиња кои треба да истакнат дека тој е подобар избор за прв човек на државата отколку Хилари Клинтон.

Во ударниот вечерен термин, треба говор да одржи гувернерот на Индијана Мајк Пенс, кој пред помалку од една недела се најде на потпретседателското ливче. Најавен е говор и од поранешниот претседател на Претставничкиот дом Њут Гингрич.

Меѓу говорниците во Кливленд вечерва се и некои поранешни жестоки негови критичари на Трамп, како гувернерот од Висконсин Скот Вокер, сенаторот од Флорида Марко Рубио и сенаторот од Тексас, Тед Круз.

Вчерашниот ден од конвенцијата во Кливленд, главно беше фокусиран на жестока критика за Хилари Клинтон, чија кандидатура беше портретирана како обид да ја продолжи, како што ја нарекоа, неуспешната политика на претседателот Обама. Од говорниците беше окарактерирана како личност која што не ја кажува вистината и ја ставила државата во опасност со користењето на приватниот е-маил за службена коресподенција.

Претседателот на Претставничкиот дом Пол Рајан ги обвини демократите дека постојано вршат поделба на нацијата на два табори. И гувернерот од Њу Џерси Крис Кристи, и самиот учесник во претседателската трка и близок пријател на Трамп, го искористи говорот за серија обвинувања на Клинтон, на што делегатите почнаа да скандираат со зборовите – „Виновна, виновна“.

„Напорно ќе работам и нема да ве изневерам“ – се огласи Доналд Трамп преку Твитер откако официјално беше номиниран како партиски кандидат. Тој ќе се обрати на последниот ден на конвенцијата в четврток.

Следната недела во Филаделфија почнува демократската национална конвенција на која Хилари Клинтон и официјално треба да биде номинирана за партиски кандидат.

XS
SM
MD
LG