Линкови за пристапност

Арифи: ЕУ да најде креативно решение за почеток на преговори со Македонија


Интервју со Теута Арифи, вицепремиерка за европски интеграции на Република Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00
Direct link

Интервју со Теута Арифи, вицепремиерка за европски интеграции на Република Македонија

Важно е процесот да биде поддржан и од САД, вели вицепремиерката за европски прашања во интервјуто за Гласот на Америка.

Глас на Америка: Во излагањето на трибната за трансатланстките односи во Вашингтон, побаравте Европскиот совет да најде креативно решение што би било прифатливо за сите...

Теута Арифи: Ценам дека во текот на оваа година ЕУ најде начин креативно да пристапи кон Република Македонија со дијалогот на високо ниво. Јас мислам дека тоа треба да финишира со еден креативен заклучок со кој би ни` се овозможило овој процес да продолжи понатаму; би ни` се овозможило да продолжиме со процесот на пристапни преговори. Секако дека влијанието на САД е битно и сериозно, а очекувам заклучок кој ќе биде прифатлив за сите страни и ќе ни овозможи да бидеме активни во однос на европските прашања.

Глас на Америка: Во Стејт департментот имавте куса средба со вишиот дипломат Филип Рикер. Какви се прогнозите од американската администрација за очекувањата од Европскиот совет?

Теута Арифи: Имав една работна средба на која беа присутни претставници од Националниот совет за безбедност, од канцеларијата на потпретседателот Бајден, значи еден поширок состав од актуелната администрација што за мене беше мошне значаен. Јас мислам дека САД го поддржувале и го поддржуваат процесот на проширување на ЕУ и мислам дека со таа поддршка ќе продолжат и понатаму. За нас е многу значајно тој процес да продолжи и да биде интензивно поддржан и од страна на Вашингтон.

Глас на Америка: Претпоставувам дека на средбата не изостана ни прашањето за името? Ќе има ли нова динамика?

Сметам дека е многу битно тој процес да тече паралелно со евентуалните разговори со ЕУ во однос на отворање на поглавја кои се многу битни.
Теута Арифи

Теута Арифи: Се` зависи какви заклучоци ќе добиеме во декември. Доколку ЕУ ни` даде една добра мотивација, подобра рамка, секако дека може да се очекува и динамика, во рамки на ОН и процесот кој е воден од страна на Метју Нимиц. Сметам дека е многу битно тој процес да тече паралелно со евентуалните разговори со ЕУ во однос на отворање на поглавја кои се многу битни.

Глас на Америка: Дали очекувате ЕУ да покаже сила и партнерство за прашањата на Балканот?

Теута Арифи: Јас мислам дека ЕУ треба да покаже сила и партнерство за Балканот затоа што регионот се наоѓа во период во кој нема проблеми со опстојувањето на мирот. Но, секако дека има многу предизивици во однос на надминување на политичките прашања што вклучуваат повеќе земји на Западниот Балкан. Дел од нив се` уште не се членки на ЕУ, но има проблеми и со земји кои се членки на ЕУ. Токму поради тоа, но имајќи го и предвид овој момент - дека има проблеми кои вклучуваат членки на ЕУ - Унијата би требало да најде една добра, ефикасна и елегантна политичка рамка за да може да ги олесни овие процеси на надминување на разликите. Мислам дека таа улога ЕУ навистина треба да ја одигра, имајќи го предвид фактот дека другите меѓународни партнери имаат повеќе обврски надвор од европскиот континент. Обврските на Европа, сепак, остануваат на Европа.

Глас на Америка: Како ги оценувате актуелните меѓуетнички односи во Македонија, со оглед на последните случувања?

Теута Арифи: Мислам дека меѓуетничките односи секогаш биле еден фрагилен дел на градењето на нашето општество. Јас сум повеќе од убедена дека, апсолутно, тие односи треба да се градат врз основа на духот на Охридскиот рамковен договор што дава можност за еден балансиран меѓуетнички дијалог. Но, исто така, сметам дека европската иднина може да помогне многу во однос на давање на една заедничка перспектива на сите граѓани на Република Македонија. Јас мислам и сметам дека има многу работи за кои различните етнички групи не се согласуваат едни со други, но има една работа за која се согласуваат - а тоа е дека треба да бидеме членка на ЕУ. Мислам дека токму поради тоа, ЕУ може да ја одигра улогата на едно силно кохезивно влијание во нашето општество и тоа не треба да го испушти од рака.
XS
SM
MD
LG